Деветнаесет дена во октомври биле со температура над 20 степени, а средномесечните просечни температури се повисоки за 2,4 степени во однос на просекот од 1981 до 2010 година. Месецот бил потопол и енормно сув.
Од УХМР наведуват дека средната месечна температура варирала од 10,8 Целзиусови степени во Маврово и Берово до 17,4 степени во Гевгелија. Највисоката максимална температура е измерена на 1 октомври во Гевгелија од 32,6 степени, средната максимална варирала од 18,8 степени во Маврово до 27 степени во Гевгелија.
Најниската минимална температура е измерена на 28 октомври во Берово минус 2,8 степени. Средната минимална температура се движела од 3,2 степени во Берово до 10,7 степени во Гевгелија.
Во октомври месечната сума врнежи варирала од 3 милиметри во Скопје на Зајчев Рид до 28 милиметри во Гевгелија.
Максималната дневна сума врнежи од 15 милиметри била регистрирана во Гевгелија на 31 октомври.
Споредено со октомвриската просечна вредност, измерената месечна сума на врнежи била 50 милиметри или 82 отсто помала од просекот.