Никола ГРУЕВСКИ

Исходот од изборите, лагите и Јемен

1. Најголем предизвик и најголем ризик на следните избори за опозицијата ќе биде да се спречат изборните измами кои власта со сигурност ќе се обиде да ги направи, односно да ги повтори од локалните избори, сметајќи дека меѓународната заедница после двата договора со соседите и промената на името, уште згора на се и доцнењето со датумот за преговори, ќе прогледа низ прсти на тоа и ќе и признае изборите со мали забелешки.
Од ова ќе зависи дали ќе има промена на власта. Доколку ова се спречи, доколку се спречи она што го направија на локалните избори во октомври 2017 година (масовен поткуп на посиромашните гласачи – околу 100 илјади гласачи, закани, уцени и притисоци поединечно на околу 50 илјади луѓе, т.н. бугарски возови, поткуп, закана или уцена на набљудувачите на партиите и на изборните комисии, и.т.н.), тогаш, под претпоставка дека опозицијата ќе понуди квалитетна програма, кадар и кампања ќе ги добие изборите. Ова го знае и власта и затоа реши да оди на предвремени избори додека сеуште се свежи сеќавањата на меѓународната заедница за договорите, името, уставот и сл.
Се’ друго е веќе антиципирано од мнозинството гласачи, од типот зголемени плати, пензии, социјалниа помош, субвенции, датум за преговори во март или во мај, членство во НАТО, изнудени пресуди, нови измислени афери, црна кампања и слично.

2. Лажните вести и генерално лажењето, станаа национален спорт во земјата.
Ме прогласија за мозок на прислушувањата кои самите тие ги организирале.
Ме осомничија дека сум се договорил со Заев за да дојдам во Унгарија и плус дека со Заев сум договорил да ми застари кривичното гонење за еден предмет каде сум обвинет дека сум сакал патот да се изгради побрзо за да добијам корист на изборите со повеќе гласови од гласачите.
Други пак оценија дека гонењето застарело бидејќи сум дошол во Унгарија, независно што ниту едно одлагање на рочиште не се случи заради тоа, а судењето е до пола.
Сум земал адвокат Албанец за да ги одолговлекувам предметите во суд.
Сум бил пред женење со некоја Унгарка.
Сум ги условувал пратениците да гласаат за промена на името.
Сум издавал државни тајни на унгарците за азилот.
Сум го раководел актуелното раководство на ВМРО од Будимпешта.
Сум и’ ги направил најголемите злодела на Македонија.
Сум имал пет милијарди евра, две милијарди евра, милиони, билиони, трилиони….

И стотици и стотици други вакви работи.
И којзнае уште колку гадости нема да измислат во претстојните месеци во борбата за власт и читаност.
Лага до лага.
Па си ги преземаат меѓусебе различни медиуми лажните вести или лажните изјави, без никакви факти и докази. Се цитираат небаре некој открил несоборливи докази. Измамници и шарлатани го имаат окупирано медиумскиот простор до бескрај, а народот како да се навикна на сето ова. Па и многу од нас кои сме предмет на лажните вести, како да се навикнавме и почнавме да ги игнорираме.
Па се водат цели дебати, емисии, “експерти”, колумни, коментари, тези… со денови и недели… и се на лажна основа и лажна вест.
За докази, аргументи, факти веќе никој не ни помислува. Ни тие што пишуваат, а делумно и тие што читаат. Старомодно стана докажувањето.
Ќе помине и ова време, но што болест ќе беше ова? Болест ли е, интерес ли е, или незрелост, или собирање кликови и зголемување читаност, или злоба и фрустрација од лична нереализираност, или некој мислат дека вака се води политика и се добива доверба, или се заедно.
Политиката во Македонија се претвора во натпревар на лажни вести, лажни етикети, навреди, обвинувања и интриги. И кој поуверливо ќе го направи тоа. За друго очигледно ќе почекаме. Колку помалку се создаваат позитивни работи во општеството толку повеќе растат и медиумскиот простор се пополнува со лажните вести и лажењето на јавните личности. Наместо конкретна понуда за народот, секој ден вака. Наместо борба со идеи и визија, борба со лаги и лажни вести. Секој против секого и без некоја продлабоченост макар и во лагите.
И секој ден вака. Неуморно и посветено. А наоѓаат и почва за ова. И после толку откриени лаги, илјадници луѓе сеуште земаат здраво за готово се што ќе им пишат и сервираат, па уште и денот им минува во коментирање на тоа.
Треба да одвојувам секој ден по неколку часа, со ова да се занимавам и да демантирам. И да станам како нив.
Каква држава станавме…
И не е само со мене вака, проблемот е поширок, иако нескромно ќе кажам дека сум еден од омилените за вакви нешта.

3.Унгарија изгради нов национален стадион за околу 68 илјади гледачи – Пушкаш арена. Се чека Жерновски-Јемен да каже дали ќе падне