Виолета АЧКОСКА
Дел од писмото на Никола Карев до Гоце Делчев во јуни 1902:
„Во Крушевско и Битолско стануваат секојдневно ноќни блокади на села, а многубројните афери фрлаат многу луѓе в затвор. Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата дека „сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција”.
Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и мојот патриотизам.
Драго ми е да Ти соопштам дека сите наши момци се готови со пушка в рака да се бијат.“
Ова писмо Карев го упатува до Делчев, во момент на голема тага, кога заради предавство во с. Ракитница е убиен неговиот другар и соидејник војводата Велко (Веле) Марков (1870-1902), а била ликвидирана и неговата чета. Отсечените глави на неколку комити, разулавениот аскер и башибозук ги тркалале низ селото. Главата на војводата, набиена на кол ја носеле низ селото за да го плашат народот, притоа вршејќи низа злодела.
За смртта на војводата Марков, Никола Киров Мајски ќе запише:
“Загина херојски апостолот – револуционер Велко и со својата бесценета крв го обележа патот по кој треба да оди поколението за да го оствари народниот идеал – слободна и независна Македонија!
Нека неговиот дух ги буди заспаните македонски совести и нека неговиот светол лик ги краси крвавите страници од историјата на борбена Македонија која тој ја љубеше и за чија слобода загина!
Пред споменот за него – поклон“