Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДИССДП), на електронскиот систем за јавни набавки на Бирото за јавни набавки објави тендер за изработка на архитектонско урбанистичка планска документација за објект Дом на спортови во Скопје на ГП 1.7 локалитет И14 во општина Аеродром.
-Оваа јавна набавка е согласно планот за јавни набавки на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката. Право на учество имаат сите странски и домашни правни или физички лица или група такви лица-понудувач кои се регистрирани за вршење на дејноста поврзана со предметот на договорот. Рангирањето на понудувачите ќе се врши според квалитетот на понуденото решение и цената на понудените цени, соопшти АДИССДП.
Изградбата на Домот на спортови, се посочува во соопштението, е клучен проект во делот на спортската инфраструктура со цел обезбедување услови за непречена работа, функционирање на спортските федерации и подигнување на спортскиот стандард и условите за работа на спортските субјекти во државата.
-Домот на спортовите ќе се гради на територија на општина Аеродром и за таа намена во првата фаза се обезбедени 75 милиони денари од Буџетот на РС Македонија, а останатите средства ќе се обезбедуваат етапно, потенцираат од АДИССДП.