Холивудска продукција снима филм за Центарот за одвикнување од зависности од дроги во Конопиште.

Директорката на Центарот „Нарконон”, кој постои 16 години и е дел од мрежата на центри која ја има на пет континенти и во околу триесетина  земји, Александра Димевска-Јокиќ изрази задоволство што се препознава нивната долгогодишна работа на одвикнување од зависности и ресоцијализација на лицата кои некогаш биле зависници.

-Мило ми е што нашиот центар беше прогласен за еден од најдобрите во рамките на мрежата. Затоа овде се снима промотивен документарен филм за нашите успеси, со цел да се прикаже како позитивен пример од кој треба да учат други, нагласи таа за МИА.

Кристина Кабаи и Мирко Карзо се дел од видео тимот кој работи на европско тло, за МИА изјавија дека дрогата е голем проблем на глобално ниво.

-„Нарконон” е можеби единствената програма во светот за одвикнување од дроги која не користи други супстанци како лекови во надминување на зависноста од наркотици, нагласија тие.

Во Центарот во Конопиште досега поминале 146 лица. Директорката Димевска-Јокиќ вели дека од нив, 80 проценти ја надминале зависноста, а многумина подоцна продолжиле да волонтираат во ова кавадаречко село.