Претседателот Стево Пендаровски во своето прво годишно обраќање во Собранието на Република Македонија повика на национален консензус против загадувањето на животната средина и иселувањето.
-Еден од проблемите со понов датум, кој, за жал, се уште не го третираме како сериозна опасност за нашата сегашност и иднина е загадувањето на животната средина. Додека ги гледаме снимките од девастирачките ефекти од глобалното затоплување мислиме дека тоа им се случува на некои други луѓе далеку од нас, но, овде, околу нас, умираат наши граѓани како последица на аерозагадувањето, истакна Пендаровски.
Експертите, како што додаде, се едногласни дека последните години, освен за поглавјето 23, за владеење на правото, преговорите со Европската Унија за поглавјето 27, заштита на човековата средина, се најтешки и најскапи за земјите-кандидати.
-Новата Европска Комисија пред неколку денови го претстави тн. Green Deal со кој се обврза да ја направи Европа првиот климатски неутрален континент до 2050. Ако сакаме еден ден, навистина да бидеме дел од обединета Европа, 2050-тата не е далеку, рече Пендаровски.
Истакна дека одамна му е јасно дека ниту една влада, ниту една локална власт не може самостојно да го реши овој проблем во само еден мандат и затоа предлага тоа прашање да го извадат од дневната политика и да се зафатат со носење на надпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава која сериозно ги нарушува потенцијалите на нацијата.
-Јавно го поддржав барањето на граѓанскиот сектор за поголем државен буџет за заштита на животната средина, а во функција на промена на парадигмите во оваа област која ни е толку потребна, ќе закажам седница на Советот за безбедност на која, за прв пат, ќе расправаме за аерозагадувањето и на која ќе ги повикам на соочување на своите ставови – и надлежното министерство и невладините организации активни во областа, додаде Пендаровски.
Во својот говор се осврна и на, како што кажа, на уште една тема која треба да се постави надвор од изборните дебати и меѓупартиски расправии.
-Сите знаеме зошто 20 години не можевме, поточно, не сакавме да организираме попис. Ноторен факт е дека огромен број од нашите граѓани, не само младите, засекогаш ја напуштија државата. Иселувањето е една од најголемите закани за безбедноста и иднината на земјата затоа што го намалува биолошкиот супстрат на нацијата од која директно зависи нашиот опстанок и просперитет во сите витални сектори на општеството. Не можам да видам како некој мисли дека би добил политички поени ако вели дека во „ваше време” се иселија 300.000 граѓани, а во “наше време” само 150.000.?!, рече Пендаровски.
Магична формула и брзи решенија за овој проблем, досега, како што нагласи, не се пронајдени ниту во најразвиените делови од светот.
-Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ, во ситуација кога влегуваме во НАТО после цели 20 години откако го добивме статус на земја-кандидат, а стандардот пер-капита е на 80 отсто од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500 евра, иселувањето може да бележи само нови поразувачки рекорди. При тоа, не како политичари, туку како обични луѓе, ние мора да се согласиме дека ако макар само еден единствен млад човек ја напушти државата, заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку, објективно и за сите нас, додаде Пендаровски.
Потсети дека неодамна формирал управен одбор и работни комисии за проектот наречен МКД 2030, кој до јуни догодина треба да ја претстави стратешката рамка за развој на државата во следните 10 години.
-Во изработката на финалниот документ беа поканети да се вклучат и се приклучија, истакнати поединци од академската и бизнис заедницата, од граѓанскиот сектор, од МАНУ, од ресорните министерства, од Собранието, стопанските комори, синдикатите. Ни се приклучија независни експерти од странство и од кај нас, како и поединци и од власта и од опозицијата. Според првичната скица, дигитализацијата ќе биде утврдена како една од приоритетните области за развојот на државата, бидејќи мојата замисла е дека нашата четврта република, ако сака да биде успешна ќе мора да биде дигитализирана, истакна Пендаровски.