Никој да не помисли да врши притисок од политички аспект врз вработените во јавниот сектор во периодот што следи поради изборите, а доколку тоа се случи, да се пријави веднаш, порачува министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Тој најавува соработка со заменикот што ќе биде во неговиот ресор од редовите на опозицијата од 3 јануари во техничката влада поради предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година.
– Од наша страна ќе имаат апсолутно отворена врата, пристап до сите информации и документи што им требаат во согласност со законот, така како што е, немаме што да криеме, отворено и транспарентно како што сме кон граѓаните, наведува Манчевски во интервјуто што МИА ќе го објави утре.
Една од новите услуги што ќе биде пуштена преку новиот Национален портал за електронски услуги до крајот на месецов или на почетокот на следниот месец, како што информира, ќе биде електронското запишување деца во градинка, а ќе важи за сите општини.
– Она што досега бараше да се оди лично во одредена градинка да се поднесат документи, па листа на чекање итн., сега е електронски. Но, на овој начин ја оневозможуваме и корупцијата. На пример, сега не се работи за некаква можеби голема корупција, но некои граѓани во одредени општини и градинки се соочуваа со тоа дека некој успеваше на чуден начин да ги премине на листата за чекање. Сега веќе тоа нема да е возможно. Значи, електронски ќе се води постапката, секој ќе има увид раководното лице до каде е со документ менаџмент системот и со новиот електронски систем за управување со управните постапки, ќе се знае каде е заглавен одреден документ во која служба, зошто е тоа така и ќе може да се реагира веднаш, наведе Манчевски.
Не смета дека успеале да ја сменат сликата за партизираност на институциите и истакнува дека прв чекор во таа насока е законот за висока раководна служба, што е во собраниска процедура, а со кој се менува начинот на избор на директори и секретари во институциите.
За неговата идеја за префрлање на вработените од јавниот во приватниот сектор најавува дека недела ќе се одржи уште еден работен состанок со стопанските комори и со синдикатите за да се консултираат уште еднаш за начинот на кој би се извршил трансферот.
– Отворени сме и за нови сугестии, не мора да е само тоа што ние го предлагаме. Навистина сум убеден дека ова е, барем не сум слушнал за друго, едно од ретките решенија во кое не би требало да има губитници. Значи, ниту луѓе да останат без работа, приватните фирми да си го најдат својот интерес и потребата за работници, ние да ја намалиме сумата што се дава за плати за вработените во јавниот сектор, потенцира Манчевски.
Според него, на крајот на јануари ќе биде готов новиот Предлог-закон за организација на органите на државната управа, кој е основа за поставеноста на институциите. Дел од завршените анализи покажуваат дека 25. инспекторати што постојат, треба да се сведат на 13, но, потенцира министерот, тоа не значи укинување на дел од нив, туку спојување и поголема ефикасност.
– Законот за организација на органите на државната управа е со двотретинско мнозинство, значи ќе треба да имаме поддршка и од опозицијата и ова ќе биде навистина тест за сите пратеници во Собранието, без разлика од која политичка партија се, дали навистина и искрено сакаат да се заведе ред во општиот хаос што постоел три децении во институциите или само се зборува едно јавно, а сосема нешто друго е намерата кога ќе дојде во делот на имплементацијата, вели Манчевски.