Во организација на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија во Албанија, во Конгресната палата во Тирана се одржува научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
МАЕИ бара македонскиот јазик да се изучува на територијата на цела Албанија каде што живеат Македонци.
На конференцијата, како што објави порталот Фактор, присуствувал и премиерот Зоран Заев. Свои излагања имале Македонците од Албанија, а отворена е и изложба со фотографии и книги на македонски јазик пишувани од Македонци во Албанија.
Заев изјавил дека се правеле напори за подобрување на изучувањето на македонскиот јазик во училиштата во Мала Преспа.
– Се разбира, секогаш може и повеќе и затоа ги развиваме односите меѓу двете земји на највисоко пријателско ниво, за да разговараме слободно за можностите. Зачувувањето на јазикот е од огромно значење заради тоа што ги обединува луѓето и културно ги поврзува генерациите за да можат една на друга да ги пренесуваат цивилизациските вредности на човештвото, изјавил Заев.