Коле МАНЕВ

Демонстрациите  во Париз и Франција веќе три недели не стивнуваат. Власта и челниците на неколкуте синдикални здруженија не можат никако да се договорат,  разберат или да најдат поволно решение околу новиот предлог закон поврзан со пензиите. Само дваесет или триесет проценти од средствата за јавен превоз се функционални се друго е блокирано. Се најавуваат штрајкови дури и за време на католичкиот Божик кој треба да дојде за неколку дена, нешто што во Франција се нема случено.

Но и покрај ваквите социјални и политички немири, културните настани, посебно овде во Париз, се случуваат и продолжуваат на некој начин да ја ублажуваат политичката клима во државата. Поади немањето редовно метро или автобус, многумина, вклучувајќи ме и мене, сме принудени односно да посетиме културни настани кои се во близина на Меѓународниот центар на уметностите, каде престојувам и кој се наоѓа во самиот центар на Париз.

Бидејќи катедралата Нотр Дам е најблизу до Сите де Арт. уште во првите дена од моето доаѓање во Париз отидов до старата Дама да видам како изгледа една од најпознатите катедрали во Европа и светот по трагичниот пожар што ја зафати оваа неколку вековна градба.

Искрено, Нотр Дам делува тажно дури и жалосно. Гледајќи во неа, се прашував, како можеше да и се случи ваков несекојдневен и трагичен настан на ваков прекрасен верски, културен и историски  објект? Но, за жал во животот се случуват и вакви немили настани. Лувр е на далечина од еден можеби киломатер ипол од Сите, во кој музеј се уште е во тек изложбата посветена на Леонардо да Винчи, организирана од француската и италијанската влада, односно министерствата за култура на овие две земји, по повод 500 години од заминувањето од овој свет на маестро да Винчи. Во каталогот од изложбата на едно место стои забелешката на Леонардо која вели: „Се што е добро во човекот умира но не и во творештвото.“

За делото на овој (магичен творец, научник и визионер) така пишува во помалиот, од двата каталози изработени за изложбата, еден голем другиот значително помал. Патем, редот обврзува да споменеме неколку дела кои се присутни на изложбата.

,,Света Богородица со дете и со Ана“ е сликата која најмногу ги привлекува посетителите. Исто така би ги споменал сликите ,,Воскрсение“, ,,Портрет на Жиневра ди Бенци“, ,,Портрет на  убавата Ферониера“ и ,,Портрет на Исус“. Во каталогот пишува дека се претпоставува дека ова дело не е портрет на Христос, туку е портрет на Салваторе Мунди, еден од учениците на маестро Леонардо.

Пленат многуте цртежи, автопортретот од повозрасни години,  цртежот Човекот во круг и еден вид на Дневник, подоцна наречен ,,Кодекс Тривулзијанус“ во кој Леонардо ги забележувал своите идеи од ликовна и научна мисла. Можеби некој ќе се запраша што е со Мона Лиза?

Џоконда остана на своето место во салата на Италијанско ренесанско сликарство, веројатно од безбедносни причини не е поставена како прилог на изложбата. Како крај на ова писание, еве уште една мисла од репетоарот на големиот Леонардо кој вели:

„Исто како добар исполнет ден кој нуди добра дремка, исто така еден добро воден живот ви нуди среќен крај.“

Во наредното писание ќе се дружиме со делата на Френсис Бејкон, чии слики се исложени во мусејот Жорж Помпиду кој исто така е близу до Сите де Арт.