Германската армија располага со 152 хеликоптери, но всушност само 20 од нив се погодни за употреба во борбени дејствија, напиша весникот „Билд“, повикувајќи се на внатрешна документација од Бундесверот.

За ниското ниво на борбена готовност сведочат направените проверки: според податоците од ноември минатата година, од 53 хеликоптери „Тигар“ само осум биле во целосна борбена готовност. Што се однесува до транспортните хеликоптери „NH90“, само 12 од вкупно 99 се во експлоатација.

Весникот пишува дека Бундесверот за моменталната ситуација го обвинува производителот „Airbus Helicopters“. Според претставници на германската армија, компанијата не ги исполнува во целост своите договорени обврски.

Бундесверот истовремено признава дека дел од вината имаат и самите вооружени сили.

„Катастрофалното ниво на борбена готовност на хеликоптерите „Тигар“ влијае и врз обуката на пилотите. Ова е неодговорна состојба“, коментира Тобиас Линднер, експерт од партијата „Зелени“. Политичарот забележа дека проблемот е познат одамна, но не се преземаат никакви мерки за негово надминување.