Иранскиот претседател Хасан Рохани по нападот врз базите во Ирак, каде се стационирани американски војници се огласи на Твитер.
– Генерал Сулејмани херојски се бореше против Исламска држава, Ал Нусра, Ал Каеда и другите. Ако не беше неговата војна против теророт, европските главни градови сега ќе беа во голема опасност. Нашиот финален одговор на неговото убиство ќе биде исфрлање на сите американски сили од регионот, напиша Рохани на Твитер.
Неговиот твит уследи откако синоќа Иран истрела повеќе балистички проектили врз две американски воени бази во Ирак, а иранската Револуционерна гарда презеде одговорност за напад истакнувајќи дека нападите се „одмазда за убиството на командантот на единицата Кудс, Касим Сулејмани“.
Нападот се случи само неколку часа откако беше погребан Сулејмани, кој беше убиен во петокот во американски воздушен напад во Багдад.
Пентагон потврди дека ракетите се лансирани од територијата на Иран при што се погодени базите Ал Асад и Ирбил.
Иран тврди дека во нападот се убиени „80 американски терористи“.
Претходно, иранскиот врховен верски лидер ајатолахот Али Хамнеи изјави дека ракетниот напад врз базите во Ирак, каде се стационирани американски војници е шлаканица за Америка, додавајќи оти „не е доволна воена акција“.
– Корумпираното присуство на САД во регионот треба да заврши бидејќи тоа предизвика војна, поделби и уништување, истакна Хамнеи.
И шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф се огласи истакнувајќи дека ракетниот напад врз американски цели во Ирак се „легитимна самоодбрана“.
– Нашата акција е легитимна самоодбрана и САД би требало да ги избегнуваат процените засновани врз илузии, наведе Зариф.
Додека иранскиот министер за одбрана Амир Хатами наведе дека претседателот на САД, Доналд Трамп ја претвори американската администрација во терористичка влада.
– Користевме ракети со краток дострел… Се надевам дека тоа ќе биде лекција за паметење за Америка, истакна Хатами за иранската државна телевизија, алудирајќи на иранскиот ракетен напад врз две бази во Ирак, што ги користат американските војници.
Тој предупреди дека одговорот на Иран на евентуална одмазда на САД ќе биде „пропорционална на тоа што Америка ќе го направи“.
Американскиот претседател Доналд Трамп неколку часа по нападот напиша на Твитер дека „се е во ред“ и оти се утврдува бројот на жртвите и причинетата материјална штета.
– За сега се се одвива добро! Имаме најмоќна и најдобро опремена војска во светот!, напиша Трамп, кој најави дека во текот на денот ќе се обрати до нацијата.