Британскиот амбасадор во Иран, Роб Макер, кој според официјален Лондон синоќа кусо време бил приведен во Техеран, денеска негираше дека учествувал во било какви демонстрации против иранските власти, како што претходно пренесоа некои тамошни медиуми.
„Можам да потврдам дека не учествував во никакви демонстрации“, напиша Макер на Твитер.
Тој напиша дека отишол на настан најавен како бдеење за жртвите од трагедијата на соборениот украински авион, и дека е нормална желбата да им се одаде почит на жртвите, особено затоа што некои од нив беа Британци.
Во пораката на Твитер, напишана на англиски и персиски јазик, тој додава и дека местото на настанот го напуштил по само пет минути, кога некои почнале да извикуваат пароли против власта.
Шефот на британската дипломатија Доминик Раб синоќа јави дека амбасадорот Макер е уапсен, додавајќи дека е тоа направено без „основ и објаснување“ и дека претставува грубо кршење на меѓународното право.
Весникот „Дејли мејл“ напиша дека амбасадорот бил приведен заради наводно поттикнување на демонстрантите во Техеран да го изразат својот бес кон властите по авионската катастрофа во која бројни жртви беа Иранци. Според истиот извор, тој бил ослободен еден час подоцна.
Иранските власти досега не дадоа никаков коментар за инцидентот.