За време на дебатата одржана на Си Ен Ен меѓу демократските кандидати за претседател на САД, вниманието на медиумите го привлече чудниот симбол на раката на американскиот богаташ, сопственик на инвестициски фонд, Том Стејер.
Имено, камерите забележале детал на неговата лева рака – чуден крст грубо нацртан со пенкало и во секој дел нацртан уште по еден помал крст.
Стејер со тој симбол на раката се појавува секој ден во последните две години, а тоа што е интересно е дека претставува ерусалимски крст од 13. век. Не постои точно дефинирано значење на симболот, но експерти се уште толкуваат што би можел да претставува.
Минатата година во едно интервју, демократскиот кандидат изјавил дека крстот ја симболизира вистината која мора да се каже по секоја цена.
– Го цртам веќе подолг период за секојдневно да ме потсетува да ја зборувам вистината. Подоцна открив дека станува збор за ерусалимски крст, истакна тогаш Стејер.
Првпат го нацртал во 2017 година и тогаш објаснил дека тоа е меѓународен симбол на скромноста, иако не е утврдена вистинитоста на таквото тврдење.
Стејер е долгогодишен спонзор на Демократската партија и еден од главните заговорници за отповикување на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.