Кинеската комунистичка партија денеска најави истрага по прашањата поставени од јавноста за докторот Ли Венлијанг кому полицијата му се закануваше откако изрази загриженост за новиот вирус, а потоа и почина од него.
Најавата од партијата доаѓа откако бројот на починати во континентална Кина се зголеми на најмалку 636 жртви. Со вирусот моментално се заразени повеќе од 31.200 луѓе низ целиот свет.
По онлајн тревогата поради владиното постапување со докторот Ли Венлијанг, Комунистичката партија соопшти дека испраќа истражен тим кој „целосно ќе ги испита релевантните прашања што ги постави јавноста“ во врска со случајот.
Ли (34), беше еден од осуммината медицински професионалци во Вухан, кои се обидоа да ги предупредат колегите и другите, откако Владата не го стори тоа. Ли на својот профил на „Веибо“ напиша дека на 3 декември видел тест примерок кој укажувал на присуство на коронавирус сличен на САРС, од кој во епидемијата 2002-2003 година починаа речиси 800 луѓе.
Ли напиша дека откако пријавил дека седум пациенти се заразиле со вирусот, на 3 јануари го посетиле полицајци и го принудиле да потпише изјава во која признава дека ширел невистини и го предупредиле дека ќе биде казнет ако продолжи.