Владиниот комесар за источните германски покраини Кристијан Хирте денеска најави оставка откако изминатите два-три дена се најде под жесток притисок од канцеларката Ангела Меркел, предизвикан од скандалот со изборот на премиерот на Тирингија со гласови на крајната десница, јави ДПА.
Заминувањето на Хирте доаѓа во време кога партијата на Меркел се справува со последиците од шокот од гласањето во малата држава Тирингија, во која премиерот беше избран со помош на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД).
„Канцеларката Меркел ми кажа дека веќе не можам да бидам комесар на федералната влада за новите држави. По нејзиниот предлог побарав мое разрешување”, напиша Хирте на Твитер, пренесе ДПА.
Улогата на комесарот е да помага во процесот на интеграција на петте источни држави, вклучувајќи ја и Тирингија, дел од Источна Германија пред повторното обединување на земјата во 1990 година.
Хирте, исто така, е заменик шеф на демохристијаните на Меркел (ЦДУ) во оваа држава.
Тирингиските пратеници од централно-десничарската ЦДУ во средата гласаа заедно со пратениците на екстремно десничарската АФД во соборувањето на актуелниот левоориентиран премиер на Тирингија.
АФД е анти-имигрантска партија, обвинета дека е засолниште на нацистичките симпатизери.
Се уште не се знае кога Хирте ќе ја напушти функцијата комесар, што е дел од Министерството за економски прашања, пренесе ДПА.