За помалку од 40 минути, турски воени авиони, утрово пет пати го прекршиле грчкиот воздушен простор, прелетувајќи над островите Инусес и Панаја, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Првата двојка турски Ф-16 била регистрирана во 9.47 часот утрово над двата грчки острови, на височина од 24 илјади стапки, а во следните 38 минути, сѐ до 10.25 часот, следеле уште четири други прелетувања, како од истиот, така и од друг пар Ф-16.
И вчера, во утринските часови, речиси во исто време како и денеска, биле регистрирани два случаи на прекршување на грчкиот воздушен простор.
Според онлајн изданието на весникот “Етнос”, од почетокот на годинава имало 69 прелетувања на турски воени авиони.