Собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна расправата за законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.
Предлог-законот за Јавно обвинителство, на чиј текст се поднесени два амандмана, го образложи министерката за правда Рената Дескоска, која рече дека законот создава основи за градење силно, професионално, ефикасно и капацитетно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Целта, како што рече, беше да се зголемат професионалните стандарди во Јавното обвинителство, но и да се овозможат средства за тоа да си ги врши своите надлежности.
Таа информира дека во овој закон се создадени услови за на некој начин гаранции на Обвинителството за организиран криминал и корупција кое треба да ги гони евентуалните кривични дела на носители на висока власт, но и да ги продолжи делата, предметите кои беа почнати од СЈО. Дескоска рече дека од тие гаранции е неможност јавниот обвинител, кој е државен обвинител да одзема предмети од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, освен во случаи да има прекршување на законот од ова Јавно обвинителство, значи, како што рече, не по сопствена проценка и не по сопствена волја, туку да има сигурна правна основа за било какви преземања дејствија за преземање надлежности.
Информира дека се создадени основи за финансиски гаранции на целокупното Јавно обвинителство. Министерката рече дека на предлог на една од пратеничките групи во Собранието, внесена е посебна постапка за избор на јавен обвинител за организиран криминал и корупција која, како што рече, досега не е позната во нашиот систем.
– Со оглед на значењето што ќе го има јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција овојпат ќе се избира на непосредни избори од страна на јавните обвинители. Сите обвинители ќе гласаат за јавен обвинител за организиран криминал и корупција, а потоа тој што ќе добие најмногу гласови ќе биде именуван од страна на Советот на јавни обвинители. Претходно, Советот на јавни обвинители изготвува листа на лица кои се пријавиле на објавен, транспарентен конкурс, а кои ги исполнуваат условите, рече Дескоска. Додаде дека се зголемени критериумите за избор на јавни обвинители, а во Основните јавни обвинителства единствен влез имаат лица кои завршиле Академија за судии и јавни обвинители.
Дескоска информира дека континуитетот на предметите е задржан, имате јасна одредба дека сите постапки ќе продолжат. Што се однесува до спецификите на користење докази во постапката, рече дека оваа одредба што ја гледате во член 110 треба да обезбеди континуитет.
-Во првите 18 месеци сите предмети што се почнати ќе продолжат, тие се во судска постапка, ќе продолжат со користење на прислушуваните материјали како докази. Оние предмети кои се по 30 јуни 2017 во судската постапка нема да ги користат снимките, но ќе ги користат како индиции. Со оглед на тоа дека ниеден предмет во суд не се заснова исклучиво на снимки, снимките се индиција каде да ги барате доказите. Без материјален доказ, само врз основа на прислушуван разговор немате засновање на судска одлука. Така овие одредби коишто се ставени во член 110 нема да значат дека ќе паднат предмети заради тоа што ова се предмети за кои се барани докази во државата, но исто така и преку меѓународно правна помош се собирани докази и од меѓународни, финансиски институции и слично, рече Дескоска.
Додаде дека сите материјални докази обезбедуваат гаранција за продолжување на кривичните постапки.
Со оглед на тоа дека едно од барањата на пратеничките групи беше да се одложи примената на законот, Дескоска посочи дека во последната одредба стои дека законот ќе влезе во сила и ќе се применува од 30 јуни 2020. Нивното барање беше дека, како што рече, не би сакале да се толкува или применува законот, практично дека е закон кој ќе влијае врз изборниот процес. Дескоска посочи дека го прифатиле овој аргумент и рече дека одложувањето на примената на законот, ако даде сигурност на сите политички партии и субјекти дека тоа не е закон кој се носи во функција на изборнот процес, го прифативме овој амандман и затоа има одредба за одложена примена.
-Навистина сметам дека имаме квалитетен закон. Закон кој го работевме во содејство со домашни, но и со странски експерти и сите корекции што беа правени на законскиот текст беа усогласувани со европската делегација кај нас, бидејќи сметаме дека носење закон кој ќе биде одобрен од ЕУ како квалитетен закон и закон кој ги остварува стандардите е тоа што нам ни треба. Не ни треба носење закон само заради закон, но закон кој ќе биде одобрен особено од земјите членки дека станува збор за закон кој ги исполнува стандардите, потенцира Дескоска. Таква констатација, како што рече, имаме од европската делегација овде и сметам дека тоа е уште една потврда дека имаме вистински текст на закон кој очкувам Собранието да го усвои.
Пред усвојување на дневниот ред на седницата пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ процедурално побара да се повлече законот за ЈО, бидејќи, како што рече, нема одлука од Влада за новиот коригиран текст на законот, но неговото барање не беше прифатено.
Седницата беше прекината поради гласњето на Законот за ратификација на Северноаталантскиот договор на пленарна седница во Собранието. Седницата, како што е најавено на веб-траницата на Собранието, ќе продолжи утре во 11 часот.