Наташа КОТЛАР
Камо среќа да имавме образовани политичари или луѓе кои се занимаваат со политика! Немаше да трпиме срамови и понижувања, како народ и држава! Вака, само глупостите се основа за логиката на господинот координатор во Владата на РСМ, Б.Маречиќ, да го таксува Гоце Делчев и за „важен бугарски јунак“ (интервју за РСЕ). Можеби, тоа било во 1896 г., кога Гоце како претставник на ЦК на МРО, остро настапил пред генералот Данаил Николаев, претседателот на ВМК, велејќи му: „Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија“. Или можеби, кога Г.Делчев како задграничен на ТМОРО, упорствуваше во зачувување на самостојноста на македонското ослободително дело, во настапите против разните Бугари – Цончевци, Михајловци и други, но и против пробугарските и прокнежевски Станишевци, Сарафовци, Габровци и други. Или можеби кога државниот бугарски национализам правеше планови да го ликвидира, во што и веројатно успеа во мај 1903 г. Можеби присуството на Гоце во Бугарското кнежевство и активност сред македонската емиграција, организирана тогаш во легална органиација (ВМК), а под силно влијание на власта, ве залажува да го замислувате како бугарски јунак, или можеби опредлбата „Бугарин“, според османлиската логика на милет ви ја засилува логиката дека Делчев е и бугарски јунак! За среќа ова е само неучено политичко бладање, на занесен господин учесник во Владата на РСМ, како координатор, работа од минлив вид! Останува само срамот! Нам истражувачите ни преостанува да ја осознаваме и проучуваме македонската историја, нејзините јунаци, знајни и незнајни и да пишуваме без трошка политичка логика!