Косовскиот премиер Албин Курти објави вечерва дека неговата влада одлучи делумно да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, со цел да се деблокира дијалогот со Белград за решавање на споровите меѓу Косово и Србијајави дописникот на МИА од Приштина.

Одлуката се однесува на увозот на сировини од двете споменати држави и стапува на сила на 15 март, информира Курти, порачувајќи дека очекува соодветна реакција и од Србија.

– Ова е знак на готовност за економски и трговски договор со Србија. Ја повикуваме Србија да даде гаранции дека ќе ја прекине кампањата за повлекување на признавањата на Косово, изјави Курти.

Тој порача дека, ако Белград позитивно реагира на потезот и барањата од Приштина, на 1 април таксата целосно ќе се укине за период од 90 дена.

– Доколку српската страна покаже вистинска посветеност на оваа пријателска кампања, тогаш почнувајќи од 1 април 2020 ќе ја укинеме целосно таксата за наредните 90 дена. Во спротивно, на 15 јуни ќе ја вратиме состојбата која ја затекнав кога дојдов на премиерската позиција, порача Курти.

Тој побара и од Соединетите Американски Држави и од Европската унија да ја ценат денешната одлука на официјална Приштина, со тоа што на самиот почеток ќе излезат со „детализирани инструменти и временски рокови со кои ќе се набројат бенефитите од искреното ангажирање на страните за надминување на економските бариери“. Од Брисел очекува веднаш да одлучи за визна либерализација за косовските граѓани.

– ЕУ да го вреднува високо ова наше дејствување, почнувајќи со визна либерализација. Доколку Србија ја игнорира волјата на Владата на Косово за елиминирање на економските бариери, тогаш Владата на Косово, почнувајќи од 1 април ќе започне со имплементација на реципроцитетот, прво на трговски, а потоа и на економски и политички план, изјави Курти, најавувајќи дека целосниот трговски реципроцитет ќе се воведе по 15 јуни.