Во Словенија нема потврден случај на лице заразено со новиот коронавирус, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Досега за тој вирус се тестирани 225 лица. Здравствените власти објавија дека ширум државата се направени 16 таканаречени „влезни точки” каде што ќе бидат упатувани на тестирање сите оние за кои има сомнеж дека можеби се заразени со новиот коронавирус.
Според објавениот протокол, сите граѓани кои имаат симптоми на настинка, треска и сува кашлица, треба да го посетат својот матичен лекар, кој ќе реши дали ќе ги препрати на една од „влезните точки” за анализи.
Во меѓувреме од Министерството за здравство ги отфрлија сите, како што ги нарекоа шпекулации, дека тестовите за коронавирус се неквалитетни.