Велат дека зад секоја успешна жена стои стабилен маж, кој и дава целосна поддршка. Васе Мојсовска е прво земјоделка за пример, а потоа и претседател на Националната федерација на фармери. Со сопругот Гоце и двете деца живеат во неготинското село Тимјаник.

–Откако сме во брак јас и мојот сопруг за овие 23 години, секоја година садиме нов лозов насад. Годишнината  ни е во овој период, кога е најдобро за подигање нов лозов насад, па често се шалиме дека за секоја годишнина од брак ние садиме лозов насад. Годинава, исто така садевме нов лозов насад, ха,ха. Ние секоја година само инвестираме во земјоделството. Од 1,5 хектар пред 23 години, сега обработуваме 70 хектари земја, нагласува таа за МИА.

Од мали нозе по нивите 

–Откако знам за себе јас работам земјоделство, моето и на брат ми детството ни помина по нивите што нашите родители ги земаа под наем од други луѓе и засадуваа на нив  секакви земјоделски култури, најчесто тутун и пипер, за да можат да извадат некој денар за опстанок, бидејќи за  време на транзицијата и двајцата останаа без работа и единствен опстанок најдоа во обработката на земјата. Бидејќи немаа сопствени ниви земаа под наем од секој што изнајмуваше, па често тие ниви беа загадени со трева, па затоа моравме неколку пати да ги копаме за да произведеме квалитетни земјоделски производи. Нас како деца не ни беше тешко да работиме, но тешко ни беше кога одевме пеш до нивите, бидејќи немавме никакво превозно средство. Бидејќи многу го сакав мајчиниот јазик и пишувањето поезија, често пати и ќе напишев некоја песна, од маката што ја имав кога копавме во трева, се сеќава таа.

Како дете сонувала  да биде просветен работник и да изучува нови генераци, затоа и своето високо образование го продолжила  на Педагошкиот факултет.

-Но веднаш штом се запишав на факултет, на мои 19 години стапив во брак со мојот сопруг Гоце,  исто така дете од земјоделско семејство, кој, исто така беше пораснат работејќи по нивите. Од четиричлено семејство отидов во деветчлено семејство.  Свекор, свекрва, дедо, јатрви, девери, дечиња и сите во едно семејство, голема промена беше тоа за мене.  Но јас сум таков карактер што никогаш не се жали и се приспособува на условите. За да се прехрани големото семејство требаше да се меси секојдневно леб, набргу ги научив сите правила на куќата кадешто се омажив и продолжив со студирањето. Ни се роди првото дете, ќерка ни Ангела,  па таа година свекор ми реши да ги подели нивите на тројцата браќа, а 1,5 хектар лозов насад ни припадна нам, раскажува Мојсовска.

Не постои машка-женска работа

Веднаш  почнале со производство на грозје, бидејќи, како што вели,  немало што друго да се работи.

–Сопругот се вработи во земјоделска фирма за дневница од 350 денари. Сфативме дека тоа не е доволно и решивме дека ако сакаме да егзистираме од лозарство,  треба да работиме повеќе. Затоа почнавме и ние да земаме ниви под наем од други лица и на нив посадувавме разни земјоделски култури. Пипер, зелка, леќа и друго. За мене не постоеше машка– женска работа,  постоеше само работа што треба да се сработи. Свекор ми ме научи да возам трактор и тогаш бев многу среќна, бидејќи не морав пеш да одам на нива, кога сопругот е на работа. Јас во исто време студирав, работев земјоделство, гледав две мали дечиња, бидејќи и синот Дарко набргу ни се роди и се грижев за целата куќа. Ми беше многу напорно но не се предавав, волјата за опстанок и за напредок ми даваше мене и на сопругот елан за работа. Сите млади брачни двојки одеа на меден месец и на летувања, купуваа нови автомобили, а ние и ладата што ја имавме си ја продадовме, да купиме нива што ја посадивме со лозов насад,  споделува таа со многу емоции.

Го изучила и калемарскиот занает

Бидејќи гледале секој денар да го заштедат,  за да не купуваат лозови садници, решиле да научат  сами да калемат лозови прачки  и да произведуваат за сопствените ниви.  Занает учеле во Србија и набргу ја совладале техниката на производство садници, па  почнале поголеми  количини да произведуваат и за продажба.

-Децата наши, исто така, пораснаа по нивите. Играчки им беа калта и земјата, од мали ги носевме на поле бидејќи цело семејство бевме на нива. Дури и ден денес земаме под наем ниви од други луѓе, кои не ги обработуваат своите земјоделски површини. Луѓето од околината,  за нас, првите 10 години од работењето, велеа  дека сме желни за сон, бидејќи наутро со тракторот излегувавме, а доцна навечер се враќавме од нивата.  Не сожалуваа како ништо не сме постигнувале, а сме биле отепани од работа. Но  ние знаевме дека тогаш требаше само да инвестираме и секој денар го заштедувавме и гледавме да го инвестираме во ново производство, за подоцна да го собираме плодот од нашата работа. Ние и денес сме желни за сон, ха, ха, но сега никој не верува дека е така, но нема врска тоа, само да ни дава Бог здравје, да можеме да работиме. Нас материјалните работи не не прават среќни, среќата ние ја наоѓаме во семејството наше и во среќните моменти на нашите фамилии, мојот брат и браќата на мојот сопруг. Производството на квалитет на нивите и гордоста дека произведуваш храна е еден огромен мотив за работа. Кога ќе видам квалитетен производ на нашите ниви, мене душата ми е полна со радост, бидејќи со огрома волја и желба го работиме тоа, додава Мојсовска.

Производството на садници се зголемило  и затоа ја основале и нивната семејна фирма Агро калем, најголем расадник на домашни сертифицирани лозови и овошни садници.

–Во целиот период на работењето ние се едуциравме на разни саеми, студиски патувања,  каде што можевме да видиме нови технологии на земјоделското производство и да ги вметнеме во нашето производство. Како долгогодишен член на Федерацијата на фармери, дојде ден после 17 години од постоењето на организацијата, на чело на таа организација првпат да дојде жена претседател и тоа токму јас. За мене како рурална жена претставува голем успех тоа и ми дава мотив за уште поголема работа и лобирање за развој на земјоделството, децидна е оваа земјоделка.

​Судбината сакала никогаш да не стане просветен работник. Но и покрај тоа, од неа можат многу млади, но и повозрасни,  да научат многу работи.

Светлана Дарудова за МИА