Откако ја пофали работата на тимовите за брза помош во Париз во болницата Некер, претседателот на Франција изјави дека „сега сме на самиот почеток на епидемијата“, јави дописникот на МИА.
-Ние сме организирани и брзата помош се соочува со почетокот на оваа криза, изјави Емануел Макрон. Тој потсети дека 85 отсто од оние што беа тестирани позитивно за вирусот имаат лесна форма на вирусот притоа ги повикува Французите на смиреност и „граѓанско однесување“.
-Соочени со оваа растечка епидемија, ние имаме индивидуална одговорност. Кога имате треска, не одете во јавниот превоз и не одете на работа, изјави тој.
Министерот за внатрешни работи препорача гласачите в недела да носат пенкала со сина или црвена боја, која не се брише за потпишување во изборните списоци по гласањето, за да се избегне евентуално пренесување на вирусот. Министерот Кристоф Кастанер смета дека нема потреба да се носат хируршки ракавици, а лицата со маска на лицето ќе можат да гласаат само ако се препознатливи со неа.
Предвидени се и средства за дезинфекција на гласачките кутии и на членовите на гласачките бироа, а градот Монтпелје веќе набави над 300.000 пенкала за своите гласачи.