Новата словенечка влада, која ја одржа својата прва седница веднаш по потврдата на Парламентот, формираше кризен штаб за коронавирус на чело со премиерот Јанез Јанша, при што сите членови на владата носеа маски.
Седницата заврши во раните утрински часови, а Кризниот штаб ќе ја одржи својата прва седница денеска и ќе донесе нови мерки за контрола на состојбата, со оглед дека оценката на новата влада е дека досега преземените мерки не биле задоволителни и доволни.
„Наскоро ќе објавиме кои нови мерки што ќе бидат потребни“, изјави министерот за одбрана Матеј Тонин пред новинарите по четиричасовната сесија, додавајќи дека тие ќе зависат од тоа колку луѓе се придржуваат кон веќе донесените мерки, пред се намалувајќи ги социјалните контакти на минимум.
Генералниот секретар на Владиниот кризен штаб, кој исто така е назначен за нов директор за разузнавање на СОВА, Андреј Рупник, рече дека персоналот ќе се состане во сабота по преносот на должностите меѓу старите и новите министри.
„Ситуацијата е сериозна, можеме да кажеме дека ѓаволот се пошегува. Имаме бурен период во кој мора да се подготвиме за битката со оваа криза“, рече тој пред новинарите.
.@VladaRS se je sestala na svoji konstitutivni seji. pic.twitter.com/E07cOCkvVh
— Vlada Republike Slovenije (@vladaRS) March 13, 2020
Според податоците од вчера, 141 заразен е потврден во Словенија, но според некои експерти, бројот на заразени лица кои не покажуваат значајни симптоми може да биде неколку пати поголем.
Според имунологот Алојз Ихан од Љубљанскиот универзитет, „можеби пет до десет пати повеќе“ биле заразени отколку објавените податоци затоа што биле тестирани само најризичните групи.
Во петокот Јанша и Тонин негираа дека заради концентрацијата на потврдени случаи на коронавирус во Љубљана, бил планиран „карантин“, односно прогласување црвена зона за словенечката престолнина и околината.
Говорејќи пред парламентот во петокот, Јанша повика на дисциплина и самоконтрола за спречување на епидемијата и одржување на социјалните контакти на минимум, така што крајната цена на инфекцијата да биде „што е можно пониска“.
Како што извести денеска словенечкото радио, новата влада не ја исклучува можноста за воведување „полициски час“ доколку се покаже дека луѓето не ги исполнуваат мерките за изолација.