Нема договор за референдумот на попладенвениот дел од лидерската средба што се одржа во Клубот на пратениците во Скопје. Тоа го потврдија и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на СДСМ, Зоран Заев. Како што изјави Мицкоски големи се разликите во ставот за референдумот и дефинирање на прашањето за истиот.
Опозициската ВМР-ДПМНЕ е против повеќезначно прашање, додека владејачката СДСМ настојува во прашањето да бидат ЕУ и НАТО. Главните разлики меѓу владеачките партии и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски биле околу референдумското прашање. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ, според него, е дека референдумското прашање мора да биде еднозначно, онака како што предвидува Законот.
– Не можеме да се согласиме со прашање со повеќе значења. Прашањето треба да се однесува само на договорот, изјави Мицкоски по средбата.
Заев изјави дека не е постигнат договор за референдумот за смена на името на Република Македонија со лидерот на опозицијата. Тој, меѓудругото, рече дека ДИК сепак ќе има и дека референдумот ќе биде спроведен.
– И покрај тоа што попладнево не беше постигнат договор за референдумот останува договореното од претпладневниот дел на разговорите: за законот за финансирање на политички партии, за техничка влада според Пржински концепт и за ДИК, рече Заев, кој брзаше да одговори на повеќе прашања, бидејќи патува во Мостар.
По прекинот на лидерската средба Заев обвини дека Мицкоски не сакал да ги повика гласачите на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат на референдум и дека „лидерот на опозицијата не успеал да го препознае моментот“.
Претходно лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека лидерите не успеале да се договорат околу референдумското прашање.