Основците и децата на претшколска возраст од денеска ќе имаат можност да следат едукативни содржини на трите канали на националниот телевизиски сервис МРТ, изведени од наставните програми по кои тие во моментов се едуцираат во училиштата и градинките, кои пак, се привремено затворени со одлука на Владата како дел од мерките за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширењето на коронавирусот.

Како што соопшти Министерството за образовани и наука, ова е решението кое произлезе од минатонеделниот состанок во МОН на кој присуствуваа претставници на неколку институции од областа на образованието, УНИЦЕФ, претставници на граѓански организации и претставници од менаџментот на Македонската радио телевизија, а кој беше организиран согласно заклучок на Владата да се изнајде алтернативен начин за едукацијата на децата да продолжи во и периодот додека формалниот воспитно – образовен процес е привремено прекинат.

– Почнувајќи од понеделник на трите канали на МРТ во соодветни термини во текот на денот за кои јавноста ќе биде информирана во најкус можен рок, наставници од основните училишта ќе реализираат скратени училишни часови на сите јазици на кои наставата се организира во училиштата во земјата. Оваа неформална едукација преку таканаречена ТВ училница ќе се реализира сé до повторното отворање на училиштата и градинките и нормално продолжување на формалниот воспитно – образовен процес на учениците и децата од претшколска возраст. Посебна работна група е задолжена и веќе го реализира планот за успешен почеток и тек на спроведување на иницијативата, се вели во соопштението од МОН.

Министерството за образование најави и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, како и Министерството за труд и социјална политика, ќе подготви план за организирање на наставата до завршување на учебната година, за што повеќе детали ќе бидат споделени со јавноста во следниот период.

МОН апелира до наставниците да покажат интерес и волонтерски да се приклучат во реализацијата на оваа иницијатива.

„ТВ училница“ на МРТ од 10.30 на македонски и од 12.15 на албански јазик

Македонската радио-телевизија денеска го почнува емитувањето на едукативна програма наречена „ТВ училница“. Трите канали на националниот телевизиски сервис ќе емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште.

Првата емисија на македонски јазик почна во 10.30 часот на МТВ 1, а во 12.15 часот на МТВ 2 ќе биде на албански јазик.

Наставници ќе ги предаваат лекциите кои во овој период требаше да бидат совладани согласно со наставните планови и програми, а за децата од претшколска возраст ќе се емитуваат едукативни емисии и приказни согласно со нивната возраст.

Првата тема е посветена на хигиената затоа што, како што соопшти МОН, таа е секогаш исклучително важна, но особено во овој период мора да биде подигната на највисоко ниво.

Секој ден ќе бидат најавувани емисиите и темите кои ќе бидат обработувани утредента.

Министерството за образование и наука апелира до сите ученици да ја следат програмата и корисно да го исполнуваат времето кое го поминуваат дома, додека училиштата и градинките се привремено завторени, нагласувајќи дека образованието е нивниот најдобар интерес и процес кој не смее да трпи застој.