Пет нови позитивни, изјави Венко Филипче на прес конференцијата која штотуку почна.

Уште за двајца резултатите се позитвни, но нивните тестови се од друга лабораторија, па дополнително ќе се направат тестови и во ИЈЗ.

Филипче рече дека денеска биле тестирани 10 лица, меѓу кои имало и тројца здравствени работници – од Центарот за јавно здравје од Прилеп, од Инфективната клиника и од „8 септември“ и нивните резултати се негативни.

„Тестовите на пет нови пациенти се позитивни на коронавирусот. Двајца други пациенти имале позитивен тест во болницата „Жан Митрев“, но тие тестови мора да се ускладат, да се проверат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје. Дел од лицата што биле во контакт со овие лица веќе се во самоизолација“, изјави Филипче.

Министерот вели дека четири лица се од Дебар, а една жена на возраст од 54 години во земјава допатувала од Холандија, преку Виена. Сите лица од авионот се контактирани, членовите на нејзиното семејство и таксистот, и за сите нив е одредена мерка за самоизолација, рече Филипче.

Вкупниот број на потврдени случаи сега е 23.

На Инфективната клиника во Скопје хоспитализирани се 14 луѓе.

За состојбата на лицата што биле во контакт со директорка на кожната клиника, лекарката Нина Цаца Биљановска, Филипче рече дека околу 200 лица биле во контакт со неа и дека немаат никакви симптоми.

„Сите лица кај кои е дијагностициран вирусот се со лесна и средна клиничка слика, а само една пациентка е на респираторна машина. Сите лица во Дебар на домашно лекување се со лесна клиничка слика и во континуирана комуникација со лекарите“, рече Филипче.

За хроничната терапија тој ќе може да ја продолжува матичниот лекар и ќе ја издава и за период повеќе од шест месеци, здравствените установи од дејноста на специјалистичко-консултативната здравствена заштита и општа стоматологија пружаат здравствени услуги само за итни случаи со оглед на методологијата, техниката на работа и опасноста од ширење на болеста заради тоа што се работи со болести на устата, а издавањето и заверката на ортопедските помагала ќе ја вршат матичните лекари.

Тој појасни дека тоа се одлуки на Фондот за здравствено осигурување кои се однесуваат на измена на нивниот правилник.

– Значи пациентите нема да треба да одат во подрачните единици на Фондот, туку по автоматизам тоа ќе го направат со директен контакт со матичните лекари.