Совесна Македонка, која се самоизолирала по враќањето од странство, револтирана од негрижата и несовесноста на граѓани кои не ги следат препораките, реагираше преку Фејсбук.

Таа веќе 4 дена минува во самоизолација и 19 дена не ги видела децата, па остро реагира кон тие што не се придржуваат до оваа препорака по враќање од ризични подрачја, како и други несовесни граѓани:

– Стојам на располагање скришно да ги споделите со мене сите ваши познаници и познанички кои пристигнуваат од странство, а притоа не седат во карантин. Нема да ве издадам, ама ќе мора да ги пријавам, за и на вас и вашите блиски услуга да ви направам, поради здравје. Дека јас сум будала, сама што седам во друга куќа веќе 4-ти ден, а 19-ти ден децата не сум ги видела, за некој друг да се чалами по улици вратен од немајкаде, пишува Деспина Козаровска на својот профил на Фејсбук.

Подоцна таа го надополни статусот:

– Не очекував 10 минути слава, земаа да ме цитираат портали дека сум во карантин поради сомнеж дека имам корона. Не! Во самоизолација сум, зашто сум граѓански одговорна и совесна ќерка, мајка, сопруга и внука која пристигна од Германија пред 4 дена. Во самоизолација сум зашто се грижам за моите. А симптоми, па и корона сигурно немам, но така е редот. Да се внимава и да се биде послушен повеќе од било кога. Без драми, ве молам!- порача Козаровска.