Со цел полесно надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација предизвикана од пандемијата на вирусот COVID-19, НЛБ Банка презема посебни мерки за поддршка на сите свои клиенти, физички и правни лица преку посебни услови за олеснување на отплатата на сите кредитни изложености, соопштуваат од Банката.
Новата понуда е согласно донесената одлука од НБРСМ за управување со кредитен ризик, како и донесената уредба на Владата за начинот на промена на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, која ќе стапи во сила по објава во Службен весник.
Банката ќе понуди можност за одложување на отплатата на кредитите, за сите физички лица до 6 месеци заклучно со 30.09.2020, како и рефинансирање на постоечките кредити, одобрување на нови кредити со можност за користење на грејс период или редовна отплата на постоечките кредити, по избор на клиентите.
За правните лица, исто така, ќе бидат понудени неколку опции, кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно. Можностите за правните лица се: одложување на отплатата на кредитот од 3 до 6 месеци заклучно со 30.09.2020, можност за рефинансирање, како и понуда на нови кредити за ликвидност. Кај клиентите од индустриите кои се затворени или се директно најпогодени од кризата, како и кај микро и малите претпријатија, во најголем број ќе се примени мерката за одложување на отплатата на кредитите.