Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски ги повикува граѓаните кои ги задржаа своите редовни примања и покрај мерките за заштита од коронавирусот навремено да ги подмират своите сметки за електрична и топлинска енергија, како и за водни услуги.
-Апелираме до оние потрошувачи коишто ги задржаа своите редовни примања, да си ги подмируваат своите сметки, за електрична и топлинска енергија, како и водни услуги, бидејќи ако не ги подмират редовно ќе имаме сериозен проблем со ликвидноста. Тоа е еден маѓепсан круг, ако ЕВН не собира пари, ќе имаат проблем за работа МЕПСО и ЕСМ и ќе имаме проблеми со сите водни претпријатија. Оваа мрежа ќе треба да продолжи да им служи на граѓаните и по завршувањето на оваа вонредна состојба, порача Бислимоски.
Тој ги пофали пензионерите, кои како што рече, веднаш по добивањето на пензијата, која беше дадена малку порано, почнаа да ги плаќаат своите сметки.
-Според информациите што ги имаме од компаниите делумно проблемот со ликвидноста е надминат во овој период кога се добиени пензиите. Редовно да си ги подмируваат сметките очекуваме и од администрацијата и од граѓаните кои не се погодени од оваа криза, изјави Бислимоски за МИА.
Потсети дека РЕК беше една од првите регулаторни комисии во регионот и Европа која веднаш кога настана кризата со коронавирусот издаде препорака до ЕВН, БЕГ и до сите водоводни претпријатија во државата да не ги исклучуваат потрошувачите додека трае вонредната состојба.
-Ние само со препорака побаравме од компаниите да не исклучуваат потрошувачи, а тие само со добар збор и добра волја го прифатија. На компаниите им препорачавме да воведат и мерки за заштита од коронавирусот. Како што знаете и ЕВН и БЕГ ги затворија своите шалтери, а побаравме од нив и обезбедување на сигурно снабдување со електрична и топлинска енергија и вода. Факт е дека во овој период тие имаат драстично намалување со процентот на наплата. Ние како РКЕ сме свесни дека има одредена категорија потрошувачи кои во овој перод не можат да ги подмират своите обврски и бараме соодветен модел како да им се помогне, рече Бислимоски.
Владата, посочи, донесе и соодветни економски мерки за поддршка за голем број на домаќинства и голем број граѓани, а особено цела администрација ќе ги има истите примања.
-Затоа сега апелираме и ги повикуваме оние што можат навреме да ги платат сметките затоа што ова не е еднонасочна работа, туку двонасочна. Од една страна се компаниите од друга страна потрошувачите. Очекуваме од администрацијата и од граѓаните кои не се погодени од оваа криза редовно да си ги подмируваат сметките. По завршувањето на кризата сонцето пак ќе огрее! Овие компании по завршувањето на кризата треба да им служат на домаќинствата и на македонската економија. Сигурен сум дека голем дел од потрошувачите ќе ги земат во предвид овие наши препораки и барања за редовно подмирување на сметките, потенцира Бислимоски.
Најави дека заедно со сите компании во трите сектори работат за да изнајдат соодветен начин како да им се помогне на оние потрошувачи кои биле погодени од кризата која, како што рече, не беше планирана.
-Во интерес на граѓаните ги одзедовме приходите на МЕПСО од прекугранични преносни капацитети кои секогаш биле високи, а годинава се намалени за четири милиони евра. ЕСМ не може да продава вишоци, затоа што трговијата на големо не е намалена само во нашата земја, туку е намалена во целиот регион. Ако лани во овој период имале осум милиони евра приходи, а годината ја завршиле со 22 – 23 милиони евра, овој период имаат нула приход од продажба на вишоци на електрична енергија. Од тие причини редовното плаќање на сметките ќе влијае позитивно на ликвидноста на компаниите. Исто така ќе придонесе и стабилно и сигурно снабдување со електрична и топлинска енергија и со вода, истакна Бислимоски.