Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа работи на план за можно кратење на помошта на САД за СЗО, во време кога фокусот на претседателот Доналд Трамп е насочен кон оваа агенција, што работи под капата на ОН.
САД лани издвоиле 452 милиони долари помош за СЗО, најмногу од која било друга земја.
Официјални лица од Белата куќа денеска укажаа дека се работи на план за кратење на овие средства, и се вршат проверки на реакцијата на СЗО на ширењето на коронавирусот по неговото појавување во Кина и врските со таа земја, јави Ен-би-си њус.
-Што СЗО знаела и како реагирала на тоа, е релевантно за одговорот на САД на кризата, изјавија од Белата куќа.
Во изминативе денови вниманието на Трамп се насочи кон СЗО во време кога администрацијата е соочена со прашања зошто го потценувале вирусот на почетокот на кризата.
Синоќа, СЗО беше цел и на напад од страна на медиумите лојални на Трамп, како Фокс њуз.
На брифинзите синоќа и завчера, Трамп порача дека ќе ја запре помошта за СЗО, и ја обвини агенцијата дека била „блиска со Кина“ и управувала лошо со кризата.
Претседателот посебно ја обвини СЗО за задоцнето предупредување за опасноста од Ковид-19 и прифаќање на сомнителните ставови на Кина дека вирусот не се пренесува од човек на човек.
На брифингот синоќа учествуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео. Тој ја поддржа позицијата на шефот на државата со изјава дека организацијата не ги оправдала очекувањата.
Помпео, исто така, не исклучи намален буџет за СЗО и смена на нејзиното раководство, но дека „не е најдобро време“ за смена во раководството
Шефот на СЗО, Тедрос Гебрејесус, синоќа веднаш одговори на обвинувањата и побара да не се политизира пандемијата на коронавирусот.
Вашингтон ја префрла вината за ширењето на вирусот на СЗО, иако не треба да се занемари и фактот со задоцнетите рекации на американските власти и нивните здравствени и научно-истражувачки капацитети, на ширењето на вирусот во земјата, која сега е најпогодена на светско ниво
Во јануари, СЗО испрати соопштение на Твитер дека „прелиминарните истраги спроведени од кинеските власти не најдоа јасни докази за пренос на вирусот од човек на човек“.
Гебрејесус подоцна ја пофали Кина за брзото мапирање на генот на вирусот и „транспарентноста на нејзината влада“, а потоа во февруари истакна дека Кина прва презела мерки со што целиот свет добил „шанса да се бори“ за да го запре ширењето на коронавирусот“.