Себастијан Фетел посочува дека би можел да потпише нов договор со Ферари пред сезоната евентуално да започне откако беше запрена поради пандемија на коронавирус.

Договорот на четирикратниот светски шампион во Формула 1 истекува на крајот на сезоната, но тој има тенденција да остане со „црните коњчиња“. Тимот веќе изјави дека Фетел останува нивниот прв избор за партнер на младиот пилот од Монако, Шарл Леклер, но според италијанските медиуми, Ферари бара одговор од пилотот до крајот на април за да се осигура дека сепак ќе има потенцијални замени за Германецот доколку тој одлучи да не потпише.

– Мислам дека една од клучните работи за сите во моментов, без разлика дали е спорт или не, е да останеме трпеливи. Очигледно зависи од тоа кога ќе биде нашата прва трка и има добри шанси да одлучиме пред неа … затоа што во моментот се чини дека нема да ја започнеме сезоната пред јуни или дури јули“, изјави тој пред новинарите во конференциски повик.

Германскиот пилот одби да одговори на прашање поврзано со договорот и дали тоа ќе биде само за една година, со оглед дека големите измени во правилата во 2021 година беа одложени до 2022 година.

– Мислам дека без оглед на договорот, ќе зависи од тоа колку се чувствуваме удобно јас и тимот со него. Значи, во однос на времетраењето, јас немам идеја, вели тој.

Пет од седумте Ф1-тимови со седиште во Велика Британија го ослободија својот персонал како одговор на здравствената криза, при што на пилотите им ги намалија платите.

– Очигледно, во моментот не знаеме како точно ќе изгледа сезоната, кога ќе започне и колку трки ќе има. Но, одлуките за ова остануваат меѓу мене и тимот – секогаш беше така и сега нема да направам исклучок, смета Фетел.

Германецот додаде дека дури и ако првенството има 10 трки од можни 22, сепак тоа би било валидно.

– Сезоната е сезона, без разлика дали е 10, 15, 20 или 25 трки. Повторно, мора да бидете најупорни за победа. Кога има помалку трки, секоја добива уште поголема тежина и значење, но на крајот на кампањата, титулата си е титула. Десет трки ќе бидат доволни за валидна сезона, заврши Фетел.