Дваесет и четиригодишниот Александар Кимов од Кавадарци со душа чека да помине коронавирусот, за да продолжи со винската мисија, негување на винската традиција во семејството и производство на квалитетни вина од тиквешкото поднебје.
Есента ја регистрирал фамилијарната винарница и по карантинот и самоизолацијата поради пандемијата очекува вината на Кимови да стигнат до потрошувачите. Нагласува дека не станува збор за големи количини, но дека се работи за божествена течност создадена со многу љубов, внимание и посветеност. Љубовта кон виното кај него се родила уште од мали нозе.
– Знаете, кај нас, во Тиквешијата, производството на вино во домашни услови е ритуал со кој живеат бројни генерации. Тајната за производство на пијалакот на боговите се пренесува од колено на колено, од татковци и дедовци на синови и внуци. Низ годините го печев мајсторлакот покрај татко ми, го гледав што работи и крадев, што се вели, од занаетот. По дипломирањето решив да ја продолжам семејната винска традиција и да ја преземам одговорноста околу производството на вино во нашиот вински подрум. Тоа што дипломирав економија се надевам дека ќе ми помогне во пласманот и есапот, искрен е тој.
Кимов е дециден дека најдоброто грозје го заслужува најдоброто.
– Ако кон тоа се додадат и знаењето, искуството пренесувано со генерации, технологијата, советите од стручни лица енолози, тогаш сигурно е дека ќе се добие врвно вино, кое ја буди страста за животот. Нашата цел е токму тоа, создавање вина со врвен и беспрекорен квалитет. Таа цел се постигнува само со постојано усовршување, додава тој.
Потсетува дека нивни вина веќе имаат освоено и награди на различни манифестации. Меѓу нив е и наградата за нивниот совињон бланк, златен медал на натпреварот за најдобро младо вино, организиран од Здружението на македонските винари. За празникот „Свети Трифун”, што се смета за заштитник на лозарите и винарите, истото вино го освоило првото место на два различни натпревари, во Неготино и Кавадарци. Дегустацијата и оценката биле од стручни лица енолози.
– Нашата винарница е специјализирана за селективни бели вина произведени по домашна технологија и дедов аманет. Горди сме на древната историја и ги промовираме виното и винската култура. Сакаме целиот свет да ја слушне македонската винска приказна. А има и што да се вкуси додека се слуша за морето од лозја, за бдеењето над виното како над мало дете, за тоа кое вино оди со тазе печурки набрани од планината Кожуф, а кое со крапче или сомче од Тиквешко Езеро, коментира овој млад човек, додавајќи дека виното е постојан придружник на човекот. Со него се наздравува за здравје и среќа, но со него и се тагува. За него се верува дека е лек, ако се консумира во разумни количини.
Светлана Дарудова за МИА