Министерката за финансии Нина Ангеловска е дел од Акциската група против Ковид 19 основана од Светскиот економски форум.
Антикризната платформа е основана како одговор на здравствените, економските и социјалните последици предизвикани од Ковид 19 која треба да ги поврзе земјите и да ги поттикне заедно да дејствуваат и да направат стратегија за сузбивање на глобалната криза, особено во периодот на опоравување.
Во акциската група членуваат 37 избрани вицепремиери, министри, високи функционери, универзитетски професори и истражувачи. Ангеловска е еден од 37-те члена од Европа и Азија. Групата ќе се состанува редовно со цел координација и проактивно дејствување.
– Акциската група треба да послужи како заедница на владите и стопанството, за да со брза реакција се мобилизираат меѓурегионални акции за справување со повеќекратните ефекти на кризата предизвиката од Ковид-19 во Европа и Евроазија и заеднички да создаде стратегии за справување со последиците од кризата предизвикана од COVID-19. Воедно целта е да ја подобри координацијата помеѓу властите, стопанството, невладините организации, академската јавност и другите засегнати страни, особено идентификувајќи ги можностите за меѓурегионална и меѓуиндустриска соработка, појаснуваат од Министерството за финансии.
Групата треба да обезбеди и стратегиски совети со цел создавање на долгорочна одржливост на постојаните регионални проекти и тоа проектот на Дигитална Европа, Европскиот Зелен Договор и Стратешкиот дијалог за Западен Балкан.