На денешен ден, 6 мај 1924 година во Виена, ВМРО (об.) издала Манифест кон македонскиот народ, кон организираното револуционерно население во Македонија и кон македонските револуционери, познат како Мајски манифест на ВМРО (об.).

Во него како главни цели на револуционерната борба биле фиксирани „ослободувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка заедница“ и демократизирањето и сојузувањето на балканските држави во една федерална заедница која „единствено може да го гарантира политичкото постоење на независна

Македонија и независноста на другите балкански народи“ и да ги парализира анексионистичките и империјалистичките стремежи на заинтересираните сили.

Во документот македонскиот народ се третира како самостоен народ на Балканот без дилеми и конфузии за неговата самобитност. Бил составен по долги преговори на претставниците на ВМРО, Комитерната и Македонската федеративна организација (организација на македонската емиграција во Бугарија). Потписници на манифестот се членовите на Централниот комитет на ВМРО, Александар Протогеров, Петар Чаулев и Тодор Александров.

Со Мајскиот манифест кон македонскиот народ и емиграција, раководството на ВМРО повикала на борба за ослободување и обединување на раскинатите делови од Македонија. Документот бил апел до сите, леви и десни револуционерни сили да се обединат за создавање единствен македонски револуционерен фронт. Овој документ ја поставува визијата за автономна Македонија, можеби како дел од поширока федерација, но, не и како дел од некоја друга балканска држава.

По објавувањето на Мајскиот манифест поради турбулентните околности кои ги носело тоа време, Тодор Александров се откажал од сопствениот потпис на манифестот. Некои историчари сметаат дека тоа се должело поради неавтентичноста на Манифестот кој Александров го потпишал и оној кој бил подоцна објавен.

Во тој период ВМРО имала затегнати односи со бугарскиот премиер Александар Цанков. Набрзо потоа Тодор Александров е убиен. Контроверзите за овие настани и денес не се целосно обработени и разјаснети од историчарите, а ќерката на Тодор Александров има опишано во какви околности нејзиниот татко се откажал од потписот на Мајскиот манифест.

-Навистина, мојот татко се откажа од потписот на Мајскиот манифест, бидејќи не сакаше ВМРО да се болшевизира и да биде партија, туку да си остане татковинска патриотска организација се додека Македонија не стане држава, изјавила Марија Коева, ќерка на Тодор Александров.

(Подготвил: Д.Г.)