Во текот на 2020 година Македонија ќе забележи пад на БДП од 3,5 проценти, како последица на економските последици од пандемијата на коронавирусот, по што следната година се очекува земјава да забележи економски раст од 5,5 отсто, се наведува во најновите макроекономски прогнози на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Во извештајот на ЕБОР, насловен „Регионални економски перспективи“, се посочува дека под претпоставка на краткотраен ефект од епидемијата на Ковид-19, последиците врз македонската економија ќе бидат „умерени“.

Банката наведува дека се очекува глобално економиите во просек годинава да имаат пад од 3,5 проценти, по што во 2021 година се очекува раст од 4,8 отсто, со напомена дека овие предвидувања не се сигурни поради неизвесноста со развојот на корона кризата.

Според главниот економист на ЕБОР, Беата Јаворчик за излез од кризата на глобално ниво, клучни се поголемата соработка и економска флексибилност.

– Кризата преставуваше голем удар и излегувањето од неа ќе претставува исто толку голем предизвик. Ова не е време за економски национализам и протекционизам, туку е време да се гради подобра иднина преку меѓународната посветеност кон слободната трговија, ублажување на климатските промени и економската соработка, нагласува Јаворчик.

Во извештајот се предвидува дека на долг рок корона кризата ќе има умерено влијание врз економијата, при што се очекува економскиот раст да продолжи кон крајот на третиот квартал од годинава, но се нагласува дека потенцијално и натаму се можно значајни долгорочни економски, политички и социјални ефекти од пандемијата.

Доколку мерките на изолација останат во пракса многу подолго од предвиденото, рецесијата може да биде многу поголема, па нивото на економски раст од 2019 година нема да може да се достигне во наредните неколку години, се посочува во извештајот.

На глобално ниво мерките преземени за справување со пандемијата влијаеја на домашната побарувачка и понуда, што резултираше со остар пад на цените на стоките, проблеми во работата на извозниците, нарушување на глобалните вредности, колапс на туризмот и пад на нивото на дознаки од странство.

Речиси сите економии во развој од Централна и Источна Европа, Централна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка, според ЕБОР, веројатно ќе имаат економски последици во текот на оваа година, со само мал број исклучоци, како Туркменистан, Узбекистан и Египет.

Во регионот на Западен Балкан, голем удар се очекува врз економиите на Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, кои, како што се посочува, се базираат на индустриското производство, за Албанија и Црна Гора се оценува дека ќе бидат погодени поради ударот врз туризмот, додека Косово, но до одреден степен и другите западно балкански економии, ќе имаат намалена домашна потрошувачка како резултат на намалените дознаки од странство.

Реален раст на БДП во проценти
    

Реален

  

Предвидување мај 2020

Разлика во однос на предвиду-вањето од ноември 2019
  2018 2019 2020 2021 2020
Западен Балкан 4,0 3,5 -4,8 7,1 -8,1
Албанија 4,1 2,2 -9,0 12,0 -12,5
Босна и Херцеговина 3,7 2,6 -4,5 6,0 -7,5
Косово 3,8 4,2 -5,0 7,5 -9,0
С. Македонија 2,7 3,6 -3,5 5,5 -6,7
Србија 4,4 4,2 -3,5 6,0 -7,0
Црна Гора 5,1 3,5 -8,0 10,5 -10,6
ЕУ земји од ЈИЕ 3,4 3,3 -4,8 4,6 -7,7
Бугарија 3,1 3,4 -5,0 4,0 -8,0
Грција 1,9 1,9 -6,0 6,0 -8,4
Кипар 4,1 3.2 -6,0 5,0 -8,8
Романија 4,4 4,1 -4,0 4,0 -7,2

Членките на ЕУ од Југоисточна Европа, исто така, веројатно ќе бидат сериозно погодени од корона кризата, пред се поради падот во туризмот, што особено ќе се одрази врз Кипар, Грција и Бугарија.

За Турција се предвидува пад на БДП за 3,5 проценти во 2020, по што ќе следи силно економско зајакнување со раст од 6,0 отсто следната година.

Во Централна Европа и балтичките земја, рестриктивните мерки кои вклучуваа значителни ограничувања, ќе имаат последици пред се врз автомобилската индустрија, на која на пример отпаѓа речиси половина од индустриското производство на Словачка. Слабата надворешна побарувачка веројатно ќе го одложи закрепнувањето на економиите во овој регион, кои се очекува во просек годинава да имаат пад од 4,3 проценти, но ќе имаат силен раст од 4,5 отсто во 2021 година.

Во извештајот посебно се посочува Полска, како најголема економија во овој регион, која не доживеа поголем удар за време на глобалната финансиска криза во 2008 и 2009 година и за која се предвидува пад на економија од 3,5 проценти во текот на оваа и раст од 4,0 отсто во текот на следната година.

Економиите во Централна Азија, кои се најдоа под притисок на падот на цените на стоките и дознаките, во просек ќе забележат пад од 1,2 проценти оваа година, по што во 2021 година ќе имаат раст од 5,8 отсто. Казахстан и Узбекистан имаат потенцијал да обезбедат значителен стимул за нивните економии, но помалите земји, како Киргистан, Монголија и Таџикистан, кои имаат ограничен фискален простор, ќе забележат значителен раст на долгот, силен притисок врз домашните девизни пазари и намалена странска побарувачка.

Пониските цени на стоките извршија дополнителен притисок врз извозниците на енергенси и метали, како што е случај со Азербејџан, Украина и Ерменија, додека очекуваниот пад на дознаките од странство ќе има особено влијание врз Молдавија, Ерменија, Украина и Грузија, чија економија дополнително ќе биде погодена и од загубата на приходите од туризмот.

За Украина се очекува економијата да забележи пад од 4,5 проценти во 2020 година и раст од 5,0 отсто догодина. Русија, чија економија е значително погодена од глобалниот пад на побарувачка и цените на нафтата, се очекува економски пад од 4,5 проценти оваа година и раст од 4,0 проценти во 2021 година.

Во јужниот и источниот медитерански регион, се очекува посебно негативното влијание од корона кризата врз туризмот, кој беше главен двигател на растот на сите економии во овој регион во 2019 година, на што ќе се надоврзе и пад на побарувачката од главните трговски партнери и намалувањето на приливите на директни странски инвестиции.

ЕБОР на крајот потенцира дека овие предвидување во голема мерка сепак ќе зависат од времетраењето и обемот на мерките за справување со корна вирусот.