На 14 јуни 1934 година, во Пиринска Македонија, од куршумите на бугарските врховисти смртно беше погоден македонскиот револуционер Симеон Кавракиров.
Убиството се случило во месноста Динков Дол, во пазувите на планината Рила, во атарот на селото Белица, Разлошко. Кавракиров е македонски револуционер, следбеник на идеите на Гоце Делчев и секретар на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија.
Роден е во Солун на 6 ноември 1898 година.
Образованието го започнал во родниот Солун, а во 1919 година се преселил во Софија, каде што студирал право на Софискиот универзитет. Во 1920 година станал член на БКП и Емигрантскиот комунистички сојуз. Од 1924 година работел во Пловдив, каде раководел со месниот комитет на БКП и воената организација.
По нејзиното пропаѓање во мај 1925 година бил осуден на една и пол година затвор. Подоцна влегува во ВМРО (Обединета) и од 1928 година е секретар на Обласниот комитет на организацијата, а од 1929 година раководител на третата револуционерна област (Пиринска Македонија).
Под псевдонимот Павел работел на создавање групи на ВМРО (Обединета) на територијата на Пиринска Македонија.
Кавракиров на 8 јуни 1932 година бил киднапиран од бандити, а убиството се случило по деветнаесетомајскиот преврат во 1934 година.
Името на овој револуционер од 1951 година го носи петричкото село Орман.
Неговата дејност го спротивставила со следбениците на Ванчо Михајлов, а тоа било причина во 1932 да биде грабнат, по наредба на Ванчо Михајлов, а по две години заложништво, Кавракиров бил убиен од ванчомихајловистите.
(Д.Г.)