Сите вработени и оние кои неодамна го посетиле пазарот Ксинфади, кој е ново жариште на Ковид-19 во Пекинг, ќе мораат да бидат тестирани, соопштија кинеските здравствени власти.
Со појавата на новото жариште на инфекција во градот, поради што се стравува од втор бран на епидемијата во Кина, градската управа соопшти дека планира да тестира околу 46.000 луѓе на 24 места за тестирање во Пекинг. Досега се извршени тестирања на 10.881 лице.
Кинеското Министерство за здравство соопшти дека вчера се потврдени 57 нови случаи на Ковид-19 во земјата, од кои 36 во Пекинг.
Сите се поврзани со големиот пазар Ксинфади, кој главно продава месо, риба и зеленчук. Станува збор за главно место за снабдување со свежа храна во Пекинг.
Благодарејќи на деталните контроли, носењето заштитни маски и мерките за карантин, коронавирусот речиси беше исчезнат од кинеска територија, откако кон крајот на 2019 година се појави во градот Вухан, па затоа откривањето на новото жариште во кинескиот главен град ги изненади жителите.
Ова откритие доведе до изолација на 11 населени зони. Сепак станува збор за многу мал дел од Пекинг, кој и понатаму живее нормално и без психоза