Франција бара разговори со сојузниците од НАТО за сè поагресивната улога на Турција во Либија, соопштија официјалните претставници на земјата, а Министерството за надворешни работи ја обвини Анкара за блокирање на напорите за примирје со кршење на ембаргото на ОН за вооружување.
– Овие мешања стануваат многу проблематични, па и покрај нашите напори, ситуацијата се влошува. Овој сè поагресивен став не е прифатлив, рече францускиот претставник, додавајќи дека Турција треба да биде партнер од НАТО, „така што тоа не може да продолжи“.
Турција, која ја поддржува меѓународно признатата влада во Триполи, осигура упориште во Либија со тоа што помогна да се спречи нападот на главниот град на Либиската национална армија (ЛНА) на командантот Калифа Хафтар, поддржан од Обединетите Арапски Емирати, Египет и Русија. Еден турски извор соопшти во понеделникот дека владата во Триполи разговарала за можна турска употреба на две воени бази во Либија, со цел да се воспостави трајно турско присуство.
Париз е обвинет за политичка поддршка на Хафтар, кому претходно му дал воена помош во борбата против исламистичките екстремисти. Франција негира дека го поддржува Хафтар, но престана да ги критикува неговите сојузници.