ВМРО-ДПМНЕ денеска одбележува 30 години од основањето во далечната 1990 година, порача во денешното видео обраќање лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
– На денешен ден беше крунисана идејата да се создаде политички субјект кој ќе биде носител на вековната македонска борба за сопствена независна и самостојна држава. Токму ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која прва зборуваше за Македонија надвор од Југословенската Федерација. И тој идеал својата финализација ја дочека на 8 Септември. Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е тогаш, сега, а ве уверувам и во иднина ќе биде Македонија, порача Мицкоски.
Тој вели дека зборовите на апостолот на македонската борба за слобода Гоце Делчев, се водилка на секој чесен Македонец.
-Како што вели апостолот на македонската борба за слобода – дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија, дали има народ понесреќен од македонскиот и дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија. Тие негови зборови се ѕвездата водилка на секој чесен и искрен Македонец повеќе од еден век наназад. Македонија била идејата која ги водела и хероите од НОБ, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто во предвечерието на втемелувањето на македонската државност ќе каже „Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме. Како ќе се вика таа држава, се разбира Македонија“, вели Мицкоски.
Потсетува дека ВМРО-ДПМНЕ одбележува 30 години, а и 127 години Внатрешна македонска револуционерна организација.
-Толку многу години во кои секој еден е заслужен, а една е идејата, таа е Македонија. Македонија е вечниот идеал. Македонија е идејата на нашите дедовци, татковци, идејата на нашите деца, внуци и правнуци. Нашата борба преку ВМРО-ДПМНЕ е тој пламен никогаш да не згасне, туку напротив да се распламтува и да гори за век и векови. Сегашниот предизвик што како генерација се соочуваме е како да политички го победиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Тие се целосен антипод на тоа што значи Македонија за која илјадници луѓе ги положиле своите животи. Мораме да ставиме крај на поразите и понижувањата кои тие ги создаваа. Три години режим на Заев ја осиромашија Македонија, ја клекнаа на колена со погазено достоинство да се дави во криминал, корупција и сиромаштија. Изборот е јасен. Обнова или измама. Македонија или ова раководство на СДСМ предводена од Зоран Заев, посочува во обраќањето Мицкоски.
Тој потенцира дека партијата со која тој раководи е поинаква од СДСМ и нејзиниот лидер.
-Ние знаеме и можеме да ја исправиме Македонија и гордо да зачекориме кон напредокот. Обновата на Македонија никој не може да ја сопре затоа што народот стои зад таа обнова. А ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на таа заедничка борба. Македонија горда членка на Европската унија, земја на иднината и среќниот живот. Нека е вечно и вековито победничко ВМРО-ДПМНЕ. Нека е вечна и вековита идејата за Македонија. Нека е вечна и вековита Македонија, рече Мицкоски во обраќањето по повод одбележувањето на 30-годишнината на партијата.