Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер не беше задоволен од ремито при гостувањето кај Тотенхем во првиот натпревар на тимот по продолжението на сезоната во Премиер лигата.

„Црвените ѓаволи“ губеа на паузата, но изедначија со гол од пенал на Бруно Фернандеш (81’), а до крајот беа поблиску до трите бода. Пол Погба се вклучи силно како резерва и го изработи пеналот, со што заработи пофалби од норвешкиот стратег.

– Малку сме разочарани што не победивме. Фудбалот е чудна работа. Минатата година Тотенхем во целост доминираше против нас 40 минути, а денес се случи спротивното. Сепак, задоволително е што игравме добро. Во првите 25 минути игравме многу бавно. Погба е еден од најдобрите фудбалери во светот и одлично е што е повторно со нас. Тој имаше 10-месечен кошмар, но сега е среќен што се врати. Убеден сум дека секој може да види колку е Пол гладен за фудбал. Сега тимот е различен од периодот пред неговата повреда. Ние сме клуб кој сака да ги има најдобрите играчи. Погба покажа дека може да направи силен тандем со Бруно Фернандеш, изјави тренерот на „црвените ѓаволи“.

За Погба, ова беше само осмиот натпревар во Премиер лигата оваа сезона.
Французинот сè уште не постигна гол, но со своите настапи против Тотенхем тој навести дека е во добра состојба.