Претседателите на подмладоците на политичките партии денеска во Скопје ќе ја потпишат декларацијата за фер, слободни и демократски избори со што ќе ја покажат својата заложба за спроведување на слободни, фер и демократски избори и достоинствена и фер предизборна кампања, а воедно ќе ја искажат својата решителност да се борат против говорот на омраза и да промовираат намалување и отстранување на говорот на омраза во општеството.

Чинот на потпишување на декларацијата е традиционален настан во организација на Институтот Охрид од Скопје, кој се одржува пред секои избори. Декларацијата за фер, слободни и демократски избори првпат беше потпишана во 2014 година.

– Потпишувањето на оваа Декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари како идни носители на одлуки, имаат силна волја, капацитет и одлучност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво, велат од Институот Охрид.

Институтот Охрид ја спроведува програмата „Политички дијалог помеѓу младите политичари“ од 2010 година. Програмата ги обединува сите активни политички подмладоци и нејзината цел е да негува и гради политичка култура и дијалог, но и да ги гради капацитетите, вештините и знаењата на младите политичари како идни лидери и носители на одлуки.