Инјекцијата од 28 милиони евра преку домашната платежна картичка, односно преку зголемувањето на приватната потрошувачка за краток период насочена кон домашните производи ќе го амортизира економскиот пад. Во третиот квартал, согласно симулациите направени од Министерството за финансии, благодарение на домашната платежна картичка, економскиот резултат ќе биде подобар за 0,7 до 0,9 процентни поени.
Ова, како што соопшти Министерството за финансии, го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска во гостување во „Бизнис поенти“ на ТВ Алфа.
-Ако погледнеме во третиот квартал, согласно проектираниот пад на БДП од 3,4 отсто на годишно ниво во основното сценарио, во третиот квартал зборуваме за проектиран пад од 2,7отсто. Со направена симулација – ако овие 28 милиони евра се влеат во економијата, точно како што е наменето во тие сектори за домашни производи и услуги, може да го ублажиме падот од 0,7 до 0,9 процентни поен, рече Ангеловска.
Министерката посочи дека земјата се соочува со најголемата економска криза после Големата депресија наваму и оти целта на ваквата мерка, со оглед дека приватната потрошувачка учествува со 65 отсто во бруто домашниот производ е да се стимулира економската активност.
-Сите земји преземаат мерки за поттикнување и стимулирање на приватната потрошувачка во фаза на реотварање на економијата и враќање на довербата на граѓаните во – тоа се објекти што беа затворени, што немаа никаква економска активност и овие земји на свој начин ја спроведуваат мерката за давање поддршка на граѓаните за зголемување на потрошувачката, може да ги погледнете Австрија, Словенија, Кина, Америка, најразлични примери, кои имплементирале вакви мерки на свој начин, посочи Ангеловска.