Поништување на договорите со Грција и со Бугарија, поништување на Законот за двојазичност, како и поништување на пописот од 2002 година и спроведување нов, се клучните работи што Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ ги нуди во изборната програма за претстојните предвремени парламентарни избори.
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, во интервју за МИА вели дека тие доколку дојдат на власт, меѓу другото, ќе направат ревизија на приватизацијата во државава, а ќе понудат и пакет од 1.066 економско-социјални мерки за спас и просперитет на народот и државата.
Изборната кампања почна, веќе ги презентирате своите програми пред гласачите, ќе може ли накусо ударно да наброите пет клучни работи со кои ќе ги привлечете гласовите на граѓаните?
– Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ излегува со платформа насловена како „Битка за Македонија“ со десет стратегиски определби и пакет од 1.066 економско-социјални мерки за спас и просперитет на народот и државата. Во однос на вашето прашање еве пет определби: Поништување на Договорот со Грција за промена на името, познат како Преспански договор, со цел неменување на името – Република Македонија, Република Македонија, национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право, грижа за иселениците од Македонија и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за таа цел поништување на Договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и за таа цел поништување на Законот за двојазичност, спроведување попис и поништување на фалсификуваниот попис од 2002 со кој албанското малцинство беше лажно прикажано дека е 25,17 отсто, ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со која е извршен грабеж на општествениот имот, кој 50 години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, ревизија и одземање на украденото и во постприватизацискиот период. Со еден збор, одземање на украденото од позиција на власт во изминатите 30 години.
Ќе може ли да ни го посочите главниот проект на кој се фокусирате и кој би го реализирале доколку добиете можност по овие избори?
– Поништување на антимакедонските договори со кои се бришат името, идентитетот, историјата и традицијата на македонскиот народ и ревизија и одземање на украденото во криминалната приватизација и постприватизација.
Економијата ќе биде најголем предизвик во периодот што следува, имајќи ги предвид последиците од корона-кризата, какви проекти нуди вашата партија во насока на подобрување на економската состојба?
– За нас сега е најбитно да си ја вратиме државата назад, а после лесно се решаваат реалните проблеми на народот. Економската наука се погрижила да изнајде механизми како се прави економски силна држава со убав стандард, какви даноци треба да има, каква макро и микроекономска политика треба да се води и слично. Сето тоа економската наука го измислила. Значи, сè е може и сè е измислено. Потребни се само чесни политичари. Во Македонија во изминатите 30 години се украдени околу 15 милијарди евра. И мора најпосле да се направи ревизија и одземање на украденото.
Инаку, во економско-социјалната сфера имаме пакет од 1.066 мерки. Со оглед на просторот телеграфски да набројам неколку: укинување на извршителите и враќање на извршувањето во судовите и враќање на парите од присилната наплата за комунални сметки стари и по 10 години, минимална казна затвор од 10 години за кражба на буџетски пари и враќање на смртната казна за тешки дела на кражба на народниот имот, данок за богатите со цел исправање на неправдите од криминалната приватизација, право на бесплатни акции од акциите каде државата има капитал за сите што не добија акции во криминалната приватизација, иако општествениот капитал го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, враќање во мнозинска државна сопственост врз Телеком, Топлификација и Електродистрибуција, намалување на животните трошоци за 50 проценти, трајно решавање на здравственото и пензиското осигурување на земјоделците со уплата од 500 денари месечно, сигурен откуп на земјоделското производство, воведување министерство за село и министерство за вработување, враќање на средната класа како столб на едно здраво општество, бесплатно образование и бесплатно здравство, продажба на 10.000 службени возила, Данска и Норвешка имаат само по 18 возила, намалување на казните и воведување правило од 3 опомени пред казнување, воведување 7-часовно работно време од 7:00 до 14:00 часот, укинување на апанажата и патни трошоци за функционери, укинување на ангажираната моќност што граѓаните ја плаќаат со сметките за струја, ревизија на лихварскиот банкарски систем, кој немилосрдно го краде народот… и многу други мерки од оваа област.
Неспецифична кампања во специфични услови, епидемија на КОВИД-19. Како вие се промовирате пред гласачите и доколку во вашата кампања вклучувате и директни средби како се грижите сè да биде во согласност со протоколите?
– Нашата кампања главно е на терен „очи во очи“ со народот, каде што ги промовираме нашите заложби, како и на социјалните мрежи. Мораме на овој начин, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со уредба со законска сила фактички воведоа медиумска цензура. Така, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си пропишаа на телевизиите да имаат по шест минути политичка реклама на секој час емитувана програма, а Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“, внимавајте добро, само шест секунди. Тоа кажува дека Заев и Мицкоски се уплашени луѓе и и силно ќе бидат изненадени од успехот на изборите на Единствена Македонија и коалицијата. Устите на Мицкоски и Заев се полни со демократија, рамноправност, еднаквост, но во реалноста работат сосема спротивно. Во реалноста гледаме диктатура и цензура од овие две партии. Тоа всушност и не се две партии, тоа е една партија Погреб за Македонија составена од ДПМНЕ и СДС, кои имаат ист странски газда што управува со нив.
Сметате ли дека во текот на кампањата ќе има многу лажни вести, црна пропаганда, наспроти повисоко ниво на политичка култура и соодветна презентација на сопствените планови и каква кампања водите?
– Ние водиме кампања на што пошироко запознавање на народот со нашите определби, кои значат спас и просперитет за државата и народот. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ водат срамна и недолична кампања, која се сведува на воајерски пориви со прислушувани разговори од приватни настани, а ги слушаме и истите лаги од овие две партии што 30 години се менуваат на власт, а на земјата не ѝ оди добро. А што може да се очекува од овие две партии што 30 години само крадат, лажат и што е најжално сега дојде ред да ја растураат и државата. Триесет години гледаме коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со албанските партии, кои се на штета на македонските интереси. Затоа, народот на овие избори нема повеќе право на грешка. Во парламентот е потребна национална и патриотска партија. Со Единствена Македонија во парламентот сè ќе биде поинаку наспроти коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со албанските партии.
ДУИ излезе со мотото прв премиер Албанец, го промовираше Насер Зибери како нивни кандидат за премиер, како ја оценувате оваа стратегија на ДУИ и што тоа, според вас, би значело за албанскиот електорат во земјава?
– Тоа само кажува дека албанското малцинство во земјата ја тера својата великоалбанска агенда, која опфаќа територии и од Република Македонија. Сето ова во изминатите 30 години го озвоможуваат со своето неединство марионетските владејачки македонски партии инсталирани и купени од странски центар. Инаку, на оваа како што велите стратегија на ДУИ ние ја промовиравме идејата – трите највисоки функции во државата (премиер, претседател на Собрание и претседател на држава) да биде Македонец и православен во доминантно македонска и православна Македонија. Да не бидам погрешно разбран, ова не е никаков шовинистички испад, во останатите ешалони на власта слободно можат да бидат припадници на сите другите националности. За жал, медиумската цензура спрема Единствена Македонија не дозволува оваа идеја да допре најшироко до народот.
Што очекувате од претстојните избори, колку мандати очекувате и кои би биле вашите опции за коалицирање?
– На 15 јули ќе биде крај на предавствата, народот ќе победи, потребно е разбивање на 30-годишната власт на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои работат против Македонија, ја продават Македонија. Ајде што 30 години ги трпиме и на глава ни се качија со нивните лаги, со грабежот на околу 15 милијарди евра во овие 30 години, најлошо е сега што ја растураат државата, но на изборите ќе се соочат со народот. Ќе видиме дали ДПМНЕ и СДС на 15 јули може да го излажат народот. Јас сум убеден дека народот е свесен дека нема повеќе право на грешка и ќе одбере национална и патриотска опција во која може да верува. Потребна е патриотска партија. Потребна е Единствена Македонија во парламентот. На 15 јули ќе си ја вратиме државата назад, а потоа е лесно да ги решиме реалните проблеми на народот.
Што се однесува до идно коалицирање, отворени сме за секој што ја прифаќа платформата „Битка за Македонија“, која е нашиот план и визија за Македонија.
За крај, ваша порака до читателите на МИА.
– Почитувани читатели на МИА, не треба да им оставиме простор на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и надеж за нивниот забеган филм. Со Единствена Македонија во парламентот им порачуваме дека не можат да ги продаваат Македонците. Да им се порача дека сме биле, сме и ќе останеме Македонци. Главата горе, Македонци. Ова е наша држава. Ние одлучуваме! На 15 јули гласајте за Единствена Македонија и Коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“ и бројот 11 за да си ја вратиме државата назад и да ја направиме Македонија држава со убав економски стандард за живеење.
Борис Куноски