Димитар Грумар
Некогаш и старо и младо, со мали исклучоци, можеше да биде селектор, тренер или подобар делител на фудбалска правда и од најпознатите интернационални судии. Сега се сменија времињата. Го изгубивме спортскиот дух, а за сметка на тоа ни се разви политичкиот талент.
Денес, и покрај тоа што е мошне добро платен, не е привлечно да се биде фудбалски селектор, но затоа, пак, секој граѓанин може да биде совршен мандатор и да состави подобра влада, поефикасен кабинет и комплетно подобра политичка репрезентација. Секој автолакер, тапетар или академик, може да биде подобар лидер на партијата од актуелниот, на која и да е, лева или десна, владејачка или опозициска. Тие, пак, што се срамат да играат политика на терен стануваат политички аналитичари и теоретичари.
Времињата се сменија и во медиумите. Некогаш весниците се прелистуваа одзади нанапред, од спортот кон политиката, а денес од политичките страници наназад. Така ни останува помалку време и капацитет да се полниме со спорт и забава. Политиката влезе насекаде. Преполни се дневните соби, кујните, фрижидерите, шпаизите, а не е исклучено некаде политиката да продрела и во спалните.
И медиумите се преполни со тешка политика. А интернетот, преку социјалните мрежи, секојдневно не дополнува со нови количини политички материјал.
Накратко: предозирани сме со политика! Во нашите вени и артерии не тече само крв туку течат и преговори за името, изборни кампањи, испотени работни лета или зими со 24/7 месечно… Станавме зависници од политиката. Ако пукне капилар, нема веќе како порано да се гледа црвенило туку политичка флека на кожата. Политиката, во периодот на транзиција, ни стана дрога – постојано се „фиксаме“.
Денес речиси нема приватна манифестација на која влезот на политиката и е забранет. Додека не беа забранети, политика се пиеше и мезеше на свадби, крштевки, седенки… Посебно се лизга кога грлата ќе се подмачкаат со препечена, пиво или вино. Тогаш се одврзува јазикот и се разврзува внатрешна, надворешна или меѓупартиска политика.
Веќе и бабите не се имуни на ова политичко лудило. Човек и кај баба да појде на гости, таа ќе го пречека со политика. Навистина таа ќе направи пита, ама додека го меси тестото ќе меси и политика, и ќе потпрашува за мислење која министерка има поарна фризура – Нина или Радмила. А за дедовците и да не зборуваме. Тие уште од еднопартискиот систем биле склони кон политика. Па, уште и кога ќе фрлат по две-три домашна препеченица, дискусиите стануваат подолги и од најгрлатиот бивш пратеник, а репликите пожестоки и од неговиот опонент…
Каде и да се свртиш, каде и да отидеш, нема веќе леб и игри, туку само бурек и политика. Дури и таму каде што нема салата, политката се дегустира и како пијачка и како мезе. Нема глад за политика оти ја имаме во преобилни количини.
Но, таа предозираност и зависност од политиката, не е исклучено, да предизвика и други промени кај човекот. Систематските прегледи, во иднина, ќе го покажат тоа де факто, што би рекол еден наш истакнат љубител на странски зборови и изрази. Толкава предозираност, кога тогаш, ќе може да се види и од крвната слика. Медицинските анализи наскоро нема да регистрираат само покачено ниво на шеќер, маснотии, нитроглицериди, туку со подетални анализи ќе ни откриваат и Нимиц во крвта, Димитров во бубрегот или Заев во жолчката. На систематските прегледи ќе се регистрираат и нови болести. Ќе се хоспитализираат пациенти со постсамитен НАТО-синдром, болни за ЕУ, болни за власт…
Бидејќи, денес, и бајачките знаат дека е подобро да се спречи отколку скалпел да сечи, превентива е да се избегнува често одење кај баби што месат политика и да се бојкотираат дедовци кои и со безалкохолни пијалаци мезат партии.
Но, за жал, во некои случаи, превентивата е задоцнета. Затоа се нужни и куративни мерки. Политиката во организмот мора да се сфати како слепо црево. Го носиме во нас, а ни служи исклучиво само за разболување. Па, за да се избегнат компликации, со хируршки зафат да се отстрани политиката од организмот пред таа да се воспали.
Бог нека им е напомош и на превентивата и на куративата.