По вчерашните рекордни 205 нови случаи, денеска се регистрирани 199 нови носители на коронавирусо од 1545 тестирања. Во последното деноноќие починаа осум пациенти со што бројката на починати се искачи на 376 лица. Меѓу починатите е и 24 годишен пациент, кој се лекувал на Инфективната клиника. Тој е најмладата жртва на коронавирусот регистрирана во Македонија од почетокот на епидемијата.

„Починати се 8 лица, еден пациент од Скопје, еден од Штип, четири од Тетово и двајца пациенти од Струга. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починати се тројца пациенти на возраст од 24, 63 и 64 години. Во Градската болница „8 Септември“ почина пациентка на возраст од 54 години. Во болницата во Тетово починати се двајца пациенти на возраст од 70 и 74 години. Во Струга, во Завод за нефрологија, е починат пациент на возраст од 56 години а во општата болница во Струга почина пациентка на возраст од 83 години“, соопштија од Министерството за здравство.

Во моментов во државата има 3.519 активни случаи, од кои повеќе од половина- 1.864 случаи се во Скопје кое е најголемото жариште на вирусот. Само во последните 48 часа во градот се регистрирани 150 нови случаи. Најтешко е погодена општината Чаир каде има 309 заболени а во уште девет општини во градот има над сто активни случаи.

Последните два дена состојбата рапидно се влошува во Свети Николе каде се регистрирани 53 нови случаи и во моментов во градот има 105 заболени од Ковид-19. Бројката расте и во Гостивар каде во моментов има 131 активен случај.

Гледано по градови, по Скопје, најголем број на заболени има во Тетово – 323. Потоа следи Куманово со 181, Штип – 165, Струга каде има 156 заболени и Охрид со 131 позитивен на вирусот.

Во моментов над 400 лица се хоспитализирани и продолжува притисокот врз здравствениот ситем и персоналот на Инфективната клиника и Ковид центрите.

Министерот Филипче најави дека дел од пациентите од Градската болница „8 Септември“ ќе бидат префрлени во модуларната болница до Инфективната клиника за да може дел од болницата да се ослободи и да продолжи да функционира за останататите пациенти. Вработените во болницата побараа болните од коронавирус да се хоспитализираат само на првиот кат во „8 Септември“ каде има централен довод на кислород и на инфективното одделение.

„Имаат сосема легитимно барање и во овој момент не е тешко, ниту невозможно да се одговори на ова. Барањата се да се ослободи еден од катовите во болницата „8 Септември“, за да може дел од вообичаената работа, особено во делот на кардиологијата да започне да се организира, онака како што беше организирано претходно. Тоа би значело дека од сегашниот број на кревети, помеѓу 70 и 75 и натаму ќе бидат наменети за пациенти со Ковид-19, а останатите 20 ќе се ослободат“, изјави министерот Филипче.

На Инфективната клиника се хоспитализирани 87 пациенти од кои 62 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле се хоспитализирани 21 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, 3 деца позитивни и 4 деца со мајки суспектни на вирусот. Во Градската болница „8 Септември“ има 96 пациенти а двајца се на респиратор. Во болницата во Битола се хоспитализирани 39, а во болницата во Штип се хоспитализирани 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар и Струмица се хоспитализирани 111 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.