Претставници на руската елита како топ менаџери, државни службеници и бизнисмени, уште во април примиле експериментална вакцина против коронавирус, во рамки на тајна програма за испитување на новата вакцина, јави денеска агенцијата Блумберг.
Според дописникот на МИА од Вашингтон, вакцината била разработена од државниот Научно-истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Николај Ф. Гамалеи“ од Москва.
Агенцијата се повикува на анонимни учесници во програмата.
Во програмата учествувале неколку стотина лица и таа била скриена од јавноста за да се избегне наплив од барања на потенцијални кандидати кои сакаат да се заштитат од коронавирусна инфекција.
Меѓу оние кои добиле вакцина се топ менаџерите на „Русал“, еден од најголемите светски производители на алуминиум, а се предлагала и на претставница на рускиот хемиски гигант „ФосАгро“, но оттаму наводно се уште го разгледуваат предлогот.
Изданието не знае според какви принципи се селектирале учесниците во вакцинацијата, која била бесплатна, а вакцинираните потпишале изјави дека знаат за можните ризици. Бизнисмени прашани од Блумберг укажале дека различно ги прележале последиците од вакцината. Кај некои се зголемила температурата и чувствувале болка во мускулите. А еден топ-менаџер не забележал никакви споредни ефекти.
Некои бизнисмени, пак, одбиле да учествуваат поради ризици, и чекале вакцината првин да се испроба на доброволци. Еден бизнисмен изјавил дека се откажал бидејќи докторот му објаснил дека ќе биде потребно да помине цела година за да се утврди какви последици вакцината ќе остави врз организмот.
Како во САД, Канада, Велика Бртанија и други западни земји, така и во Русија моментално се вршат испитувања за достапна вакцина против инфекција од Ковид-19.
Според Блумберг, официјалните испитувања за вакцина во земјата започнале во јуни со тестирање на прва група од 18 луѓе. Испитувањата се уште траат. Друга група од 20 доброволци денеска била ослободена од воениот клинички центар „Н.Н. Бурденко“ во Москва.
Кирил Димитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, доброволно учествувал во испитување за вакцинација од Ковид-19 во институтот „Гемалеи“. Според него, масовна вакцинација во Русија се очекува да се случи и да заврши во текот на следната година.
Според русите научници, за да се запре епидемијата, вакцина треба да примат околу 60 проценти од населението на земјата.