Капитенот на Манчестер Јунајтед, Хари Мегваер го очекува последниот натпревар од сезоната во Премиер лигата против неговиот поранешен клуб Лестер.
Натпреварот практично ќе биде како финале меѓу двете екипи за пласман во Лигата на шампионите. На „црвените ѓаволи“ им треба само реми на „Кинг Пауер“, додека „лисиците“ ќе треба да бараат задолжителен успех.
– Тоа е голем натпревар за нив, но и голем натпревар за нас. Мора да бидеме свежи и целосно фокусирани на самите себе. Подготовката треба да започне веднаш. Мора да се подготвиме правилно и да спиеме добро. Мора да бидеме свежи, за да можеме да го одржиме потребното темпо за ваков натпревар. Ќе бидеме целосно подготвени за недела. Ако не можете да се подготвите за ваков натпревар, тогаш не сте го одбрале вистинскиот спорт. Тоа е огромен судир и имаме само три дена да подготвиме. Со нашата програма имаме само два дена одмор во последно време, така што овој пат е подобро. Со оваа тесна програма, немаме многу време за тренинг, затоа главно се фокусираме на закрепнување. Добро е што имаме три дена овој пат. Чудно е што го велам тоа, но тоа е факт при оваа програма. Ние ќе бидеме подготвени за недела, рече Мегваер.
Манчестер јунајтед е во одлична серија од 13 натпревари без пораз во првенството и се искачи на третото место во пласманот. Според дефанзивецот, ова е неверојатно достигнување само по себе.
– Имаме голем меч пред нас. Лестер имаше силна сезона и е во добра позиција. Пред неколку месеци малкумина веруваа дека ќе можеме да ја стопиме разликата со нив и да се израмниме, но исто така имавме одлична серија. Разочарувачки е што одигравме нерешено со Саутемптон и Вест Хем, ние заслуживме да победиме и водвата натпревари, но сепак сме во добра позиција. Пред шест месеци беше тешко да се поверува дека ќе добиеме шанса да одиме во Лестер и да се бориме за место во ЛШ, но тоа се случи сега. Ќе бидеме подготвени, немаме право на оправдувања, дека сме уморни, додаде капитенот на Јунајтед.