1844.- Роден е Илја Ефимович Рјепин, руски сликар, претставник на реалистичкиот правец. Негови најпознати дела се „Бурлаци на Волга“, „Иван Грозни и син му Иван“, „Запорожци“, „Враќање од прогонство“ и портретите на Мусогорски, Пирогов и други. Умрел во Финска, на 29 септември 1930 година.
1850.- Роден е Хенри Алберт Ги де Мопасан, француски раскажувач, претставник на европскиот натурализам и автор на околу 300 новели, шест романи и други дела. Меѓу многубројните збирки раскази се истакнуваат „Куќата на Телие“, „Раскази и новели“ и „Господин Паран“. Умрел на 6 јули 1893 година.
1858.- Поставен бил првиот трансатлантски кабел со кој биле воспоставени телеграфски врски меѓу Канада и Велика Британија.
1884.- На влезот во Њујоршкото пристаниште бил поставен камен-темелникот на Статуата на слободата.
1895.- Во Лондон умрел Фридрих Енгелс, германски филозоф, социјалист и научник, соработник на Карл Маркс. Негови најпознати дела се „Дијалектиката на природата“, „Анти Диринг“, „Развојот на социјализмот од утопија до наука“, „Лудвиг Фоербах и крајот на германската класична идеологија“ и други. Роден бил во Берлин, на 28 ноември 1820 година.
1906.- Во Прилеп е роден Ристо Зердески – Зерде, првиот филмски актер во Македонија. Умрел во Загреб, на 1 мај 1970 година.
1907.- Во Карнак, Бретања, роден е Ежен Гивик, француски писател, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 1976 година. Најпознати му се делата „Реквием“, „По море и копно“, „Карнак“ и други. Умрел на 21 март 1997 година.
1914.- Поставен бил првиот електричен семафор во Кливленд, во државата Охајо, во САД.
1915.- Германците во Првата светска војна ја окупирале полската претстолнина Варшава.
1949.- Во силен земјотрес во Еквадор загинале околу 6.000 лица.
1962.- Во Холивуд умрела Мерилин Монро, северноамериканска филмска актерка. Играла во филмовите “Џунгла на асфалтот”, “Нијагара”, “Мајмунска работа”, “Автобуска станица”, “Седум години верност” и други. Родена била во Лос Ангелес, на 1 јуни 1926 година.
1962.- Во Охрид се одржал Првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој прераснал во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Македонија. Меѓу професионалците победил Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победила охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигнал Дики Бојаџи – трето место и Климе Савин кај аматерите – четврто место. Од 1992 година шампионатот бил именуван како Охридски пливачки маратон, една од трките што се бодува за Светскиот маратонски куп.
1963.- Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Советскиот Сојуз го потпишале договорот за забрана на нуклеарни проби во атмосферата, во вселената и под море. По ракетната криза околу Куба, тоа бил првиот симптом на ново попуштање во меѓународните односи.
1984.- Умрел велшкиот театарски и филмски актер Ричард Бартон. Играл во филмовите „Клеопатра“, „Бекет“, „Доктор Фауст“, „Сутјеска“ и други.
1992.- Русија ја признала независноста на Република Македонија.
1995.- Во Скопје умрел д-р Вулнет Старова, професор на Медицинскиот факултет во Скопје и поранешен претседател на Собранието на СР Македонија. Роден бил во селото Поградец, на 6 мај 1934 година.
2003.- Во експлозија на автомобил-бомба пред хотелот „Мериот“ во Џакарта која ја активирал исламски терорист-самоубиец загинале 14, а биле повредени околу 150 луѓе.
2016.- На 85-годишна возраст починал американскиот актер Дејвид Хадлстон. Хадлстон се прослави со улогата на Големиот Лебовски во истоимената комедија за браќата Коен. Тој настапуваше и во голем број популарни телевизиски серии и фолмови, а една од неговите највпечатливи улоги беше толкувањето на ликот на Бенџамин Френклин во театарската претстава „1776“. Дејвид Хадлстон бил роден 27 септември 1930 година во Вирџинија.