Францускиот фудбалски хегемон Париз Сен Жермен ја заврши сезоната на домашната сцена со „требл“.
Откако ја осигураа титулата пред многу време, пред една недела парижаните го освоија Купот на Франција, а вчеравечерта додадоа уште еден трофеј во нивните витрини. Тимот на Томас Тухел триумфираше со Лига Купот во драматично финале против Лион. Редовното време и продолженијата завршија без голови, а при пеналите Кејлор Навас го спаси ударот на Бертранд Траоре и стана херој за ПСЖ.
Ова беше последно издание на турнирот, кој ќе биде суспендиран поради зафатениот календар на француските клубови. ПСЖ е рекордер со 9 пехари, со само едно изгубено финале. Парижаните слават пет години по ред помеѓу 2014 и 2018 година, а во 2019 година трофејот стана сопственост на Стразбур.
ПСЖ влегува во историјата како победник на деби-изданието на турнирот во 1995 година и во последното финале досега.
Лион има само еден Лига Куп од вкупно 6 финалиња, но она што е понепријатно за „децата“ е што ја пропуштија последната шанса да се пласираат во Лигата на Европа. Во првенството, екипата на Руди Гарсија го зазеде 7-то место и нема да учествува на европските турнири во новата сезона.