По повод Денот на Републиката претседателот Стево Пендаровски се обрати од Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце каде рече дека Македонија денеска се сеќава на сите знајни и незнајни херои, комити и партизани, кои ги дадоа своите животи во борбата за слобода и независна држава.
Благодарение на нив, денес живееме во мир и во своја, меѓународно признаена држава. Затоа никогаш не смееме да го заборавиме нивниот придонес и инспирирани од нивното дело треба да продолжиме да работиме на благосостојбата и просперитетот на државата, почитувајќи се меѓусебно – изјави Стево Пендаровски.
Тој побара граѓанско помирување. Ја пофали и искритикува власта. Илинденската порака од претседателот Пендаровски е правда и слобода за секого, но и побрзо конституирање на новото Собрание и Влада кои ќе имаат тешка задача, особено, како што кажа тој, после ваква изборна кампања во која беа изречени тешки обвинувања и лични дисквалификации.
„Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи остварувањето на правата и слободите на секој граѓанин дури, тогаш ќе имаме вистински демократска држава. Нашата битка е да обезбедиме достоинствен живот за секој наш граѓанин во својата татковина“ – рече Пендаровски.
Пофални зборови доби власта за членството во НАТО и добивањето зелено светло за преговори со ЕУ. Сепак, Пендаровски потсети, дека новата методологија за преговорите овозможува брза интеграција, но само за вистински, а не козметички реформи.
Нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасносто судство не се само пречка на патот кон ЕУ, туку и пречка за нормален живот на граѓаните, кажа тој.
„Нашите граѓани со право се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал. Секоја злоупотреба на функцијата и јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе“ порача шефот на државата.
Сериозната состојба со коронавирусот, нема да дозволи целосно враќање на економијата во погон, затоа задача на новата Влада ќе биде итно спроведување на реформите. За шефот на државата, повеќе нема место за клиентелизам и корупција, а во новата нормала, власта ќе мора да донесе, нови инвестиции, иновации во бизнисот, добро платени работни места и севкупен економски и социјален развој.
На денешен ден е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност, борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана нуту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга – истакна техничкиот премиер, Оливер Спасовски од скопската тврдина Кале.
Победа за сите нас затоа што Илинден и АСНОМ се симболи на заедништво, а не на поделби. Денес славиме празник за подобро утре на оваа и на сите наши идни генерации како завет дека ќе продолжиме заедно да ја градиме нашата вековна иднина – рече Оливер Спасовски – технички премиер на Македонија.
Спасовски додаде дека македонската државсност и слободата кои ги славиме денеска, не се подарок туку се остварени со многу жртви.